Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери денеска оствари средба со членовите на работната група при Советот на Европската Унија која е надлежна за земјите кои преговараат за пристапување и членство во ЕУ (КОЕЛА).

Како што се наведува во соопштението од собраниската прес-служба, Џафери го потенцирал своето задоволство што конечно со почетокот на оваа соработка се потврдува и почетокот на пристапните преговори со ЕУ.

-Претседателот Џафери пред членовите на оваа работна група ги потенцираше исто така и долгите преговори и консултации околу преговарачката рамка кои резултираа со заклучоците што ги донесе Собранието. Со нив ја задолжи Владата во текот на преговорите доследно да се придржува кон определбата за безусловно почитување на идентитетските, јазичните, културните и историски особености на македонскиот народ, се вели во соопштението.

Претседателот изразил надеж дека следи успешна и плодна соработка, како и успешно завршување на преговорите што ќе води кон полноправно членство на Република Северна Македонија во ЕУ.

Како што информира прес-службата на Џафери, за време на состанокот благодарност упатил и шефот на Делегацијата на ЕУ во Република Северна Македонија, амбасадорот Дејвид Гир.

За време на состанокот, како што се наведува во соопштението, евтоамбасадорот Гир го потенцирал, според него, историскиот момент што се случи во јули оваа година со отпочнување на преговорите со Европската унија, а оваа средба во Собранието ја опишал како симболичен почеток и промена која ќе резултира со пристапување кон институциите на ЕУ.