Интерпелациите за вицепремиерот за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски и за министерот за правда Бојан Маричиќ, се поднесени од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и се ставени на дневен ред на наредната седница, закажана за 23 март, според процедурите. Ова вечерва го изјави претседателот на Собранието Талат Џафери во интервју во Топ тема на ТВ Телма.
Џафери појасни дека од моментот на поставување на прашањето до него, веднаш се дистрибуира до Владата.
-И од моментот кога добивам информација дека засегнатите ја имаат примено од тој момент течат роковите според Деловникот. Во рок од 15 дена од приемот на интерпелацијата, дотичниот на кој се однесува треба да одговори на интерпелацијата. Доколку не одговори во рок од 15 дена, тогаш прва наредна седница по истекот на тој рок треба да бидат на дневен ред, и таа прва наредна седница е на 23-ти. И двајцата не одговориле, се решиле да не одговорат, имаат право и да одговорат во рок од 15 дена и во тој случај во рок од 15 дена од добивање одговор треба да се најдат на седница, рече Џафери.
Џафери додаде дека интерпелациите се поставени како последни точки на дневен ред на 36. собраниска седница зошто допрва ќе треба со опозицијата да договори за динaмиката на интерпелациите и да договори кој ден, зошто траат еден ден.
Тој рече дека двајца пратеници се позитивни на Кoвид-19 и се чувствуваат добро, а еден е во самоизолација, се изолирани и дека до тогаш ќе им помине рокот на изолација.
За превирања во ДУИ, Џафери рече дека две децении така функционирале и оти имало превирања и порано. Според него, Изет Меџити нема да биде исклучен од партијата.