Претседателот на Собранието Талат Џафери во интервју за емисијата „Само вистина“ на телевизијата Канал 5, изјави дека кај пратениците има голем интерес да се вакцинираат и оти очекува работата на Парламентот да се нормализира кон средината на мај.
– Две третини од пратениците се вакцинирани до 16 часот. Немам информации уште колку се вакцинирале до 18 часот. Но, интересот за вакцинација кај пратениците е голем, вели Џафери.
Тој не сакаше да ја коментира изјавата на пратеникот Павле Трајанов дека меѓу парламентарците „постои разочарување“ што биле вакцинирани со „Спутник В“, а им било ветено дека ќе добијат вакцини од „Фајзер“.
– Нема такво ветување. Важно е вакцините да се ефикасни. Не треба да се политизира имунизацијата, нагласи Џафери, на прашањето дали се согласува што е вакциниран со руската „Спутник В“.
Џафери потенцира дека иако на пратениците им било понудено да се имунизираат порано, тие го препуштиле својот ред на ризичните групи. Во Собранието прво биле вакцинирани собраниските служби оти двајца вработени во службите починале како последица на Ковид-19.
– Очекувам работата на Парламентот да се нормализира кон средината на мај. Да се вратиме во нормални услови за работа, во салата предвидена за пленарни седници каде има систем за електронско гласање, вели Џафери.