Седум лица загинаа во близина на аеродромот во Кабул во стампедо и турканици, со што вкупниот број на жртви достигна 20. Поради големите тензии, американската војска, која раководи со аеродромот, соопшти дека тој ќе биде затворен 48 часа за да се воспостави ред. Во меѓувреме, ќе се проверуваат документите на оние кои веќе влегле внатре.
Advertisements
Во исто време, американската војска создава алтернативни патишта до аеродромот поради закана од терористичката група ИСИС. Пентагон добил информации дека ИСИС и други организации би можеле да ги искористат гужвите за да активираат автомобили-бомби или бомбаши-самоубијци. Минофрлачки напади се уште една потенцијална закана.
А, далеку од периметарот на аеродромот, тешки денови за авганистанското население кое веќе мора да живее под правилата на Талибанците. Самира Хамиди, регионална активистка на Амнести интернешенел, вели дека банките се затворени, а цените на храната двојно пораснале откако Талибанците ја презедоа контролата врз Кабул на 15 август.
Британскиот премиер Борис Џонсон преку објава на Твитер информираше дека во вторник ќе свика самит на седумте најразвиени држави Г-7 за итни разговори за ситуацијата во Авганистан. Од витално значење е меѓународната заедница да работи заедно за да обезбеди безбедна евакуација, да спречи хуманитарна криза и да го поддржи авганистанскиот народ.
Поранешниот премиер Тони Блер пак, ја критикуваше одлуката за повлекување и наведе дека дека американските и британските војници требало да останат во Авганистан бидејќи одлуката за повлекување на персоналот може да доведе до безбедносни закани дома. Тој одлуката на американскиот претседател Џо Бајден да ги повлече војниците ја нарече трагична, опасна и непотребна.
Британија досега евакуираше 3.800 Авганистани, Австралија околу 300, а Германија повеќе од 2.000.
А, Турција, исто како и Грција подигна ограда долга десетици километри за да спречат азиланти и бегалци да почнат да се движат кон Европа.