Меѓународниот аеродром Ел Пасо во Тексас доби наредба во наредните 10 дена да ги прекине сите летови поради „посебни безбедносни причини“, стои во известувањето за воздухопловци (NOTAM) издадено од американската Федерална управа за авијација (FAA), пишува Скај Њуз.

Во известувањето воздушниот простор околу аеродромот е означен како „национален одбранбен воздушен простор“, а се наведува дека пилотите кои ќе ги прекршат правилата „можат да бидат пресретнати, задржани и испрашувани од органите на редот“. Се предупредува и дека американската влада може да употреби „смртоносна сила“ против летала за кои ќе процени дека претставуваат „непосредна безбедносна закана“.

Ограничувањето се однесува на сите летови кон и од аеродромот, се применува до висина од 5.500 метри (18.000 стапки) и останува во сила до 21 февруари во 6:30 часот по координирано светско време (UTC).

Зоната на забрана за летање, со центар во аеродромот, има радиус од 10 наутички милји (околу 18,5 километри) и го опфаќа и блискиот воен аеродром Бигс. „Ниту еден пилот не смее да управува со летало во подрачјата опфатени со овој NOTAM“, изрично се наведува.

Меѓународниот аеродром Ел Пасо е оддалечен околу шест километри од мексиканската граница, но наредбата не се однесува на мексиканскиот воздушен простор. Во текот на 2024 година низ овој аеродром поминале повеќе од четири милиони патници.

Текстот Аеродром во САД затворен од безбедносни причини е превземен од МАКФАКС.