Адвокатски тим од Куманово собира документација и бесплатно ќе го застапува семејството на родилката, која при породување почина во кумановската болница, соопштија на денешната прес-конференција од адвокатската канцеларија Георгиевски, јавува Алсат.

Тие веќе поднеле барање до надлежните институции, Министерството за здравство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Јавното обвинителство Куманово, МВР, матичен лекар.

-Нашите првични сознанија се дека навистина има лекарска грешка и затоа ќе најдеме и стручни лица кои тоа нешто ќе го потврдат. Од друга страна сметам дека е премногу рано да се излегува со какви било заклучоци во услови кога сите неонатолошки тестови и пренатални тестови кои биле извршени за време на бременоста не покажале апсолутно никаква аномалија ниту кај родилката ниту кај бебето. За изненадување е како може нешто во последните 36 часа толку да се искомплицира што ќе заврши со овој трагичен настан. Нашата адвокатска канцеларија се понуди бесплатно да го застапува семејството сметајќи дека во услови на оваа семејна трагедија им е потребна бесплатна правна помош и адвокатска канцеларија која ќе застане зад нив и бебето, изјави адвокатот Христијан Георгиевски.