Адвокатот на Александар Ѓорчевски, Владимир Туферџиќ во изјава за медиумите оцени дека исказот на мајката на убиената Вања, Зорица Ѓорчевска е многу важен бидејќи со него се расчистија сите шпекулации, мистерии и тајни кои се провлекуваа во јавноста во изминатиот период…
Тој смета дека исказот дава логичен тек на работите и се потврдува тезата на одбраната дека Александар немал никаква инволвираност со исчезнувањето на неговото дете.
„Самиот сведок не посочи дека Александар направил нешто невообичаено во тој момент. По однос на тоа што Александар дал своја претпоставка дека девојчето е киднапирано, ако внимателно го слушавте сведокот, појасни дека и таа имала своја теорија дека Вања избегала, дека некој ја прелажал и појасни во која насока она го разговара неговото толкување и мислење дека Вања е киднапирана. Таа рече дека нејзиниот сопруг не можел да се помири со фактот дека неговото дете е прелажано, бидејќи дека им верувал на децата. Затоа неговата теорија била дека тој претпоставува дека нема што друго да биде освен киднапирање“, рече Туферџиќ.
Додаде дека сите биле вознемирени и насочени со цел да се пронајде детето.
„Можам да констатирам дека денешниот исказ има логичен тек, има логична смисла, за разлика од исказот на истиот овој сведок во Јавното обвинителство, каде во некои клучни точки отстапува од она што денеска го слушнавме“, рече Туферџиќ.
Додаде дека Зорица сведочела за реалната состојба на работите, особено во делот каде сведокот раскажа како и на кој начин го известила таткото по телефон, и го видела во моментот кога пристигнувала дека излегувал од влезот.