Адвокатот на првообвинетиот Љупчо Палевски, Јовица Страшевски, побара неговиот клиент да биде ослободен од обвиненијата за убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски.

Страшевски во завршните зборови истакна дека не е јасно наведено какви дејствија презел Палевски, обвинителниот акт е контрадикторен и непрецизен и ја извртува вистината со намера јавноста и судот да добијат искривена слика. Рече дека Обвинителството не би можело да ги докаже своите тези, ни во следните 10 години бидејќи Палевски не ги сторил убиствата.

„Нема докази и наместо Јавното обвинителство да ја сопре постапката, поднесе обвинителен акт со низа законски пропусти. Пресудата беше однапред најавена дури и пред да почне постапката, а медиумите тоа го презентираа, без почитување на уставното право на презумпција на невиност“, рече Страшевски во завршните зборови.

Адвокатот рече и дека судијата на претходна постапка одлучувал без доставени докази, само врз основа на обвинението, што е прекршување на Законот за кривична постапка. Вели дека во обвинителниот акт, според листата на докази, не се наведени цврсти факти со кои надвор од разумен сомнеж се докажува дека Палевски ги организирал и извршил злосторствата.

Страшевки рече дека Обвинителството не го докажало ниту времето на убиството на Панче, а за убиството на Вања мотивот останал непознат. Од истрагата, истакна адвокатот на Палевски, останаа многу неодговорени прашања.