Откако минатата недела тоа го направи обвинителката Вилма Рускоска, сега за случајот „Организатори на 27-ми април“ завршни зборови даваат адвокатите на одбраната. Прв се обрати адвокатот на обвинетите Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, Еленко Миланов
Коментирајќи ги завршните зборови на обвинителката Рускоска, адвокатот Миланов забележа дека неговите клиенти се обвинети за насилство. Во насока на тоа порача:
„Конкретно за Вељаноски, во завршниот збор обвинителката Вилма Русковска кажа дека улогата му била да спречи мирно примопредавање на власта. Каде гледате тука акт на насилство? Натаму, вели улогата на Ристовски била дека ги организирал групите со акт на насилство да го спречат изборот. Но, каде има тука насилство од Ристовски? Каде има насилство од него?”, праша одбраната.
Овие обвинети заедно со Груевски и Бошкоски, кои се недостапни, создале план за насилство, продолжи адвокатот да се спротивставува на квалификацијата “насилство”.
„Да ги расчлениме луѓето: Вељаноски воопшто нема комуникација со обвинетиот Владимир Атанасовски, ниту со Никола Бошкоски. Триесет илјади пораки беа извадени од мобилниот на Вељаноски, ниедна комуникација нема со овие двајца. Вељаноски и Јанакиески во овој критичен период, немаат апсолутно никаква комуникација. Тоа се виде и од листинзите од телефонот на Јанакиески”, рече Миланов.
Инаку, Обвинети се уште и ексдиректорот на УБК Владимир Атанасовски, како и избеганите Никола Груевски и Никола Бошкоски од УБК, кој на 27 април 2017 година донел оружје во гепек пред Собранието.