Новата американска администрација соопшти дека ќе ги обнови односите со Палестинците, како и дека ќе им помогне на палестинските бегалци, што е пресврт во однос на политиката на администрацијата на Доналд Трамп, и клучен елемент на новата поддршка за заедничко решение за завршување на повеќедеценискиот конфликт меѓу Израелците и Палестинците.

Вршителот на должноста американски амбасадор во Обединетите нации, Ричард Милс, го најави новиот пристап на претседателот Џо Бајден на состанокот на Советот за безбедност на ОН и кажа дека новата администрација верува дека тоа и натаму е најдобриот начин за обезбедување на иднината на Израел како демократска и еврејска држава и легитимните аспирации на Палестинците за своја држава и безбеден и достоинствен живот.

-За овие цели да се постигнат нашата администрација ќе ги обнови односите со Палестинците, но и со Израелците, рече Милс, пренесуваат американските медиуми.

Тоа вклучува обнова на односите со палестинските лидери и палестинскиот народ, рече Милс, додавајќи дека Бајден е јасен дека има намера да ја обнови американската помош за поддршка на програмите за економски развој и хуманитарна помош за Палестинците.

Милс додаде дека Бајден ќе преземе чекори за рестартирање на дипломатските односи кои беа прекинати од претходната администрација.

-САД се надеваат дека полека ќе почнат да градат доверба на двете страни, да полека да се создадат услови во кои ќе може да се најде заедничко решение, рече Милс.

„Тоа значи да ги повикате двете страни да избегнуваат еднострани потези што го отежнуваат наоѓањето заедничко решение, како што е припојување територија, населување, уништување и плаќање на криминалци за извршување терористички акти“, објасни Милс. (МИА)