Секој глас за „Вреди“ е глас за ВМРО-ДПМНЕ, напиша потпретседателот и портпарол на ДУИ, Арбер Адеми, коментирајќи ја денешната средба меѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски со еден од предводниците на албанската опозициска коалиција „Вреди“ и доскорешен кандидат за претседател на државата, Арбен Таравари.

– Гласот за ВРЕДИ е глас за ВМРО! Се гледаме на 8 мај! Ќе се случи народот!, напиша Адеми во коментар објавен покрај фотографијата од средбата меѓу Мицкоски и Таравари.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ попладнево имал средба  со Таравари, кој е дел од изборната коалиција „Вреди“.

Од ВМРО-ДПМНЕ за МИА ја потврдија средбата, наведувајќи дека на неа се разговарало за принципите за можно идно коалицирање и заедничка соработка.

Средбата на Мицкоски и Таравари се случува на само два дена пред вториот круг од претседателските и парламентарните избори на 8 мај. Таравари беше еден од седуммината кандидати за претседател, но не влезе во вториот круг на изборите. Тој во првиот круг освои 83.337 гласови.