Регионалната соработка и европската перспектива на Западен Балкан, односно Северна Македонија и Албанија што побрзо да ги почнат преговорте за членство во Европската Унија, Косово да добие визна либерализација, Црна Гора и Србија да продолжат со преговорите за членство во Унијата, а Босна и Херцеговина да добие кандидатски статус. Тоа било тема на дискусии на делегации од Косово, Албанија, Црна Гора, Босна и Хецеговина, Турција и Северна Македонија на состанокот на 18. Конференција на парламентарните комисии за европски прашања/интеграции на државите опфатени во Процесот за стабилизација и асоцијација од Југоисточна Европа – КОСАП, што вчера и денеска се одржува во Охрид, а со која ќе претседава претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието, Арбер Адеми.
– Сите разговори и дискусии се одвиваа на конструктувен начин. Ја осудивме руската агресија во Украина, го поддржуваме нејзиниот територијален интегритет и суверенитет со постоечките граници, кои се меѓународно признати и секако ЕУ треба да продолжи со своето внимание во регионот и да има позитивни одлуки за отворање на европската перспектива на целиот регион на сите земји од Западен Балкан, бидејќи не само географски, туку и историски припаѓаме на европското семејство и споделуваме исти вредности, изјави Адеми.
Претседавачот со КОСАП оцени дека има потенцијал за зајакнување на соработката меѓу земјите од Западен Балкан. Според него, единствено спорно прашање биле формулациите за заклучоците за осуда на руската агресија во Украина, поради што не била потпишана заедничката изјава, која се носи со консензус.
Следната конференција на парламентарните комисии за европски прашања/интеграции на државите опфатени во Процесот за стабилизација и асоцијација од Југоисточна Европа треба да се одржи во Црна Гора.