Помина точно една година од политичката, а не правна одлука на Уставниот суд, со која беше укинат балансерот – единствениот механизам што гарантираше следење на правичната и соодветна застапеност на етничките заедници во државните институции, изјави потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми.

Според него, една година подоцна, последиците се јасни, болни и алармантни.

„Оваа одлука не беше техничка, ниту административна. Беше политичка и противуставна, затоа што имаше за цел да го избрише етничкото изјаснување и да ги демонтира колективните права загарантирани со Охридскиот мировен договор и санкционирани со Амандман VI на Уставот. Всушност, ова беше институционален напад врз еднаквоста и отворено враќање пред 2001 година – во време кога Албанците сочинуваа помалку од 0,2% од државната администрација. Пред укинувањето на балансерот, Албанците беа застапени со околу 22% во администрацијата – процент што постепено се зголемуваше од година во година. По укинувањето на овој механизам, според јавните податоци, во повеќето државни институции процентот на Албанци во новите вработувања не надминува ниту 5%, а најголемиот дел се членови на тесното семејство“, рече Адеми.

Тој додаде дека една година по оваа одлука, државните институции се понеправични, позатворени и поеднообразни од кога било порано.

„Ова веќе не е само политичко прашање – ова е уставно, национално и егзистенцијално прашање за Албанците и за сите заедници во Северна Македонија“, рече Адеми и побара Владата да го врати механизмот на балансерот во согласност со Охридскиот рамковен договор и Уставот на државата.