Владимир Перев

Вистински политичко-националистички земјотрес предизвика приватната визита на косовскиот премиер (…и на сите албанци!?) Албин Курти на Македонија, поточно на Скопје и Тетово. Поводот беше преименувањето на улицата Втора македонска (ударна ли е, пролетерска ли е, веќе никој не знае) бригада во улица Адем Демачи и одамна познатото веење на знамињата на Голема Албанија.

Многу прикаски се кажаа за познати работи. Адем Демачи е позната личност во македонските средини, како личност од светски калибар во борбата за човекови права. Студирал во Белград, Приштина и Скопје, познат е како писател, поет и публицист. Со своите дваесет и осум години поминати низ титовите затвори, ја обележува историската борба за човекови права, не само на албанскиот, ами и на сите европски народи.

Ако италијанскиот поет, карбонарот Силвио Пелико го одбележа 19-от век со својата затвореничка одисеја во книгата “Моите затвори“, во дваесетиот век се појави Нелсон Мандела, како симбол на борбата против апартхејдот. Пред него беше нашиот заборавен херој, радовишанецот и зет на Тодор Александров, Коце Ципушев со неговата книга “19 години во српските затвори“, за конечно сите да чуеме и за непомирливиот Адем Демачи, носител на наградата “Сахаров“, доделена од Европскиот парламент, за “слободата на мислата“.

Смешни се плачењата за некаков албански неофашизам, само заради веењето на знамето и преименувањето на една улица со името на албански дисидент и борец за човекови права. Признанието дадено на Демачи е оправдано, а прикаските дека “немал врска со Македонија“ се целосно неточни. Настрана фактот што тој сепак бил овде во еден мал период од својот живот, но бил и присутен преку своите дејствија кои го одвеле на долгогодишна робија. Што правиме со оние кои никогаш не биле овде, или пак улици добиле откако станале фактори во “новата Југославија“. Кои се заслугите на Иво Рибар-Лола, Борис Кидрич, Моша Пијаде, Ѓуро Салај, Ѓуро Ѓаковиќ, па и Јосип Броз-кога тие воопшто нешто чуле или се интересирале за Македонија…никогаш, никакви допирни точки.

Ние робуваме на соцстереотипите, на еден вграден и наследен, ментален и материјален колонијализам од српското владеење во Македонија и лажливото југословенско братство-единство, кое на крајот заврши во крвава пресметка. Кога на Денг Сјаопинг му рекле дека неговата визија за модерна Кина не одговара на постулатите на марксизмот-ленинизмот, тој ладнокрвно одговорил: “Ова е ново време. Маркс никогаш не видел електрична светилка, а Ленин никогаш не стапнал во Кина. Со нив немаме ништо општо…ние реализираме нови слободни идеи“. Ние крв ќе дадевме да се сочува улицата Ленинова и името на гимназијата Јосип Броз-Тито. Македонскиот болшевички и лажнопатриотски естаблишмен знае дека со падот на тие имиња, ќе падне и последната илузија за нас како “социјалисти“ и дека “Тито ни ја даде државата“. Тоа е крајот на Македонија, замислена во кагебеовските дувла на Белград и Москва…илузија на која и се гледа крајот. Да не ја заборавиме и Софија, која до средината на педесетите години од минатиот век, здушно ја помагаше македонизацијата во Пиринско…сега ја плаќаат сметката!

Пројугословенските/просрпските и проруски структури како нож во срце ја дочекаа изјавата на Курти дека “треба да се разделуваме од Белград и да се приближуваме кон Тирана, Приштина и Софија“, или така некако гласеше изјавата. Тоа приближување ќе ја донесе и соодветната промена на Уставот, а со тоа и нов, голем политички и национален потрес. Ќе дојдат и други промени, пак ќе се менуваат имињата на некои улици. Македонската јавност допрва ќе треба да учи кои се тие Јордан и Димитар Чкатрови, д-р Асен Татарчев, Димитар Ѓузелов, Коце Ципушев, Симеон Радев, Илија Коцарев, Стефан Јанакиев Стефанов, Никола Павлов Бутика, Роза Којзаклиева, Трајчо Чундев и ред други, кои ги поминале или оставиле животите во титовите казамати. Ќе ги има и Иван Михајлов и цар Борис Трети и цар Фердинанд. Секако, ќе ја има и 11-та Македонска пехотна дивизија! Тоа е дел од историјата на македонските бугари! Таа промена на улиците сигурно ќе дојде и да не се залажуваме, тоа ќе биде тежок и мачен процес.

Веењето на знамињата на Голема Албанија треба да се гледа повеќе како дел од нашиот заеднички фолклор, а не како некаква реална опсност. Па и ние во деведесетите ги веевме знамињата на Голема Македонија со сонцето од Кутлеш, па последиците беа само по нас. Никој друг не виде мака. Впрочем, Албанија секогаш била голема за нас, ама ние тоа го видовме дури сега, зато што се смаливме. Поточно речено, ја загубивме илузијата за сопствената величина, паднаа лажните идеи и секој си дојде “на своето“!

Киро Глигоров почина и никогаш не призна дека неговата идеја за “еквидистанца“ кон соседите, колку и да беше фалшива и лажна, де факто ја отвори вратата на михајловистичката идеја за Македонија како земја на еднаквост. Сега тоа го имаме, по промената на Уставот, тоа ќе биде зацементирано. Потоа следуваат промените, ма колку болни и да бидат.
“Враќањето“ на Адем Демачи меѓу нас е враќање на човековото достоинство, нашите доблести и пориви да се бориме за сопствените права и достоинство на нашиот, човековиот род.
Ова е само почеток…