Државната енергетска компанија АД ЕСМ понуди најниска цена од 36,1 евро за мегават час на тендерот за набавка на електрична енергија за следните шест месеци што го распиша Универзалниот снабдувач ЕВН Хоум.
-На денешната аукција за набавка на количини на електрична енергија за задоволување на потребите на корисниците, ЕВН Хоум како Универзален снабдувач на електрична енергија доби најповолна понуда од АД ЕСМ со цена од 36,1 евро за мегават час, информираат од ЕВН Македонија.
На тендерот, додаваат, учествуваа две компании – АД ЕСМ и ЕФТ.
Според Законот за енергетика, ЕСМ годинава треба да обезбеди 70 отсто од потребните количини на ЕВН Хоум за снабдување на тарифните потрошувачи. Лани АД ЕСМ понуди цена од 38,8 евра за мегават час и целосно ги обезбеди потребите на ЕВН Хоум иако имаше обврска да обезбеди само 75 отсто.
Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) до крајот на месецов треба да ја соопшти новата цена на електричната енергија која, како што велат од РКЕ, најмногу зависи од сумата која денеска ја понуди АД ЕСМ.