Алијансата за Албанците реагира на информациите дека Подрачната единица за внатрешни работи Струга–Дебар–Кичево се предвидува да биде деградирана во единица од втора категорија. Од таму велат дека нема да дозволат преку административни одлуки или политички маневри да се укине институционалната застапеност на Албанците и да се погази принципот на еднаквост во оваа држава.
„Алијансата за Албанците чувствува јавна и институционална обврска силно да реагира на сериозните информации кои кружат во јавноста, според кои Владата на Република Северна Македонија, преку Министерството за внатрешни работи, подготвува законски измени и нова систематизација на работните места кои директно и штетно го нарушуваат институционалниот статус на градовите Струга, Дебар и Кичево“, изјави Њомза Асани Шаќири, портпаролка на Алијансата за Албанците.
Според неа, со овие измени, Подрачната единица за внатрешни работи Струга–Дебар–Кичево се предвидува да биде деградирана во единица од втора категорија, при што, како што вели, ќе ги изгубат основните оперативни надлежности, командната структура и функционалната автономија. Асани Шаќири додава дека сите надлежности се предвидува да бидат префрлени под јурисдикција на Секторот за внатрешни работи во Охрид.
„Оваа административна реорганизација не е само техничко прашање. Таа произведува сериозни политички, институционални и општествени последици. Конкретно, во градовите со албанско мнозинство повеќе не се предвидуваат клучни раководни позиции во безбедносните структури, како што се: началник на полицијата, началник на одделението за борба против криминал и заменик-командир во полициските станици“, рече Асани Шаќири и додаде дека систематското укинување на овие позиции претставува сериозен удар врз институционалната застапеност на Албанците и реален ризик за локалната безбедност и довербата на граѓаните во државните институции.
Во овој контекст, рече таа, Алијансата за Албанците упатува директен повик до претставниците на коалицијата ВЛЕН да ја преземат политичката одговорност што им припаѓа, да реагираат без одлагање и јасно да се позиционираат во заштита на интересите на албанските граѓани во Струга, Дебар и Кичево.
Текстот АА: Нема да дозволиме преку политички маневри да се укине институционалната застапеност на Албанците е превземен од МАКФАКС.






















