Испровоциран од интевјуто на Иван Стоилковиќ за новинарската агенција Тањуг, за тоа дека „Србите во Македонија после 1941 биле подложени на етничко чистење”, немаше како да останам рамнодушен и да не реагирам. Христијанството, а и домашното воспитување не учи дека е добро „пред да ја видиш раската во окото на твојот брат, види ја гредата во твоите очи” или во преносна смисла кажано, види се ти каков си, пред да обвиниш друг за истите постапки. Докази за такво “етничко чистење” од страна на Бугарија во 1941 година нема.Ако го видиме примерот поновата историја за етничкото чистење во Косово или Сребреница каде што за еден ден се убиени 8000 невини луѓе, Србите во Македонија од 1941-1944 би требало за 13 дена да се “етнички исчистени”. (Според неофицијални податоци во 1941 година на тероиторијата на тогаш Вардарска Македонија, заедно со Врањската и Качанишката околија, има околу 100 000 срби.)Поради тоа, во следниот текст, презентирам само мал дел докази за угнетуваните луѓе во Јужна Бановина (Македонија) од 1913-1915. Податоците се извадени од брошурата „Српските ѕверства во Македонија” , брошура која е извадок од книгата “Српскиот режим и револуционерната борба во Македонија“ од Кирил Прличев, инаку син на поетот Григор Прличев. Во книгата има списоци со име и презиме кој, зошто и како е убиен и која жена е силувана, кои деца се стрелани итн. Читателот сам нека направи разлика за тоа кога и како имало етничко чистење. За подетални информации и достап до списоците прочитајте овде.

1. Во Скопје, Јуни месец, 1913 година, уапсени се 300 души од кои 99 се интернирани во затворот во Митровица. Додека патуваат кон Митровица се омаловажувани, тепани, “ќе платат со главата, ако не се пишат Срби” и по време на патувањето им е потенцирано дека имаа семејства, имоти и поради тоа да внимаваат што прават.

2. Во Куманово, истата година, месец Мај, уапсени се 52 мажи и 7 жени. Заедно со нив се уапсени уште 130 души првенци, свештеници, учители кои што се подложени на невидени тортури и ѕвертства.

3. Во Тетово, се убиени 308 души

4. Во Кичево, уапсени се 106 души исто така подложени на невидени тортури. Убиен е игуменот на манастирот Пречиста во Кичево, заедно со јермонах Софрониј и јермомнах Теофан. Игуменот е застрелан, а двајцата јермонаси се распнати на крст како Исус Христос.

Да продложиме за етничкото чистење и геноцид…
5. Во Дебар и околијата се убиени 264 души. Список на убиените по име и презиме има во книгата.

6. Во Охрид , во четири села од Слатинската околија се убиени 86 души, Пештанска околија 48 души, во Велгошти 27 души. В Мешеишка околија 1; во Белчишка околија 3 , како и во Опеничка околија; Во Велмејската околија се убиени 9 и во Сливовската 10 души.

7. Во Тиквешката околија се убиени 186 души. 15 жени се силувани од кои 4 од нив умираат како последица од силувањето.

8. За Гостивар, учесник во ѕверствата кореспондира со весник “Радничке новине” и пишува: “…..Ужасно е. Има села со 100, 150, 200 куќи каде што не остана жив човек. Ги собираме на едно место по 50-60 души и ги убиваме со бајонети еден по еден”. По тој повод, Едит Дурхам, пишува на весник Times на 27 ноември 1913 година дека србите запалиле 6 села во гостиварско. Многу жени и деца станале жртва на силување и стрелање. Српските војници кои не сакале да се подчинат на наредбата да стрелаат били принудувани од нивните офицери.

9. Во Штипската околија, како и во горе наборените се убиени многу луѓе. Ќе ви дадам податоци само за едно село, Горни Балван, каде што е испратен еден српски капетан со 50 војници. Силувани се жените: Јана Петрова на 35 години, Вања Ладева на истата возраст, Севда Тасева на 50 години, Ѓурѓа Илова на 40 години, Васа Иванова на 25 години, Ванга Митева на 30 години и Петра Ладева на 25 години. Кога го завршиле овој чин за “пофалба”, при повлекување од селото ѕверски го боделе со бајонет Коце Везенков за да каже каде му се парите….

Податоци за убивање, силување и мачење во област Македонија по време на Српската администрација има уште. Нема да стигне ниту времето, ниту листовите хартија за да се обелодени сето она што е направено и на што било подложено населението во Македонија во тој период. За да можеме да продолжиме напред, треба да простиме. За да можеме да простиме, господине Стоилковиќ, треба да добиеме извинување. А за да се извините, треба да признаете за злоделата што ги направил вашиот народ на моите сограѓани во Македонија во периодот од 1913-1941 година и после тоа да изјавувате како “потсетувањето на минатото буди немир”. Во војна има едно единствено, непишано правило, не посегајте на жени и деца. Во случајот со вашата администрација во Македонија, тоа правило за жал многу често не сте го чувале.

Автор: Илија Стојановски/Трибуна