Бедри Ајдари, роднина на еден на осудените во случајот „Монструм“, синоќа изјави дека претседателот Стево Пендаровски, за време на шарената револуција, му кажал дека ако се откријат вистинските виновници за убиството кај Смилковско езеро ќе избие граѓанска војна во Македонија.
Ајдари тврди дека кога во 2016 година пред Собрание го прашал Пендаровски, кој во тоа време бил пратеник, што се случува со „бомбите“ за Монструм, тој му одговорил дека има информации од странци дека Груевски го монтирал случајот да предизвика граѓанска војна во земјата.
„Го прашавме што се случува со „бомбите“ за Монструм, Пендаровски ни рече цитирам: ‘на еден состанок присуствуваше еден Американец кој ми рече дека за Монструм ќе се поттикне војна, со тоа што ќе разберат луѓето кои се вистинските убијци и кои се нарачателите и виновниците. Тогаш сите заедно, и Македонци и Албанци ќе отидат пред влада и ќе има крвопролевање, затоа што ќе сакаат Груевски да го фатат за гуша и да го прашаат зошто го нарача овој монструозен чин, кој ќе доведе до војна’. Ова му го кажувам јавно на Пендаровски тука во ова студио, а можам да го кажам и било каде “, изјавил Ајдари во „Клик Плус“ на ТВ21.