Пандемијата со Ковид-19 не е единствената и најголема пречка за спроведување настава со физичко присуство во основните и средните училишта во Скопје.

Кога Министерството за образование и наука конечно, по повеќе од година и пол пандемиска , карантинска и онлајн учебна година ги отвори вратите на училиштата за теконава 2021/2022, учениците од средното градежно училиште Здравко Цветковски во Скопје не седнаа во училишните клупи, туку наставата ја следеа преку интернет, од дома.

Од кратките училишни соопштенија се дознава дека наводната причина за тоа било реновирање на училишната зграда. Во случајот, причината за настава од далечина не е опасноста од ширењето на Ковид-19 туку заради градежните потфати.

По повеќекратни одложувања, наставата конечно започна со физичко присуство дури на 15 ноември минатата година, односно со два и пол месеци задоцнување од останатите образовни институции во Македонија.

Само што ги загрејаа столчињата со почетокот на второто полугодие, повторно добија најава дека од следната недела ќе започнат со он-лајн настава. Овојпат, со известување дека немало гориво за загревање на училиштето и немало од каде истото да се набави.

Повторно причината не е Ковид 19.

Останува нејасна комоцијата на воведување он-лајн настава, а уште понејасни се наведените причини, без детални објаснувања.

Исто така, останува енигма зошто не е на време набавен енергенс за греење, кој требало да го набави, дали училиштето има сопствен систем за загревање и зошто не е приклучено на градската топлинска мрежа, колку чини затоплувањето и дали е поевтино во однос на централното греење, зошто реновирањето на градежното училиште навлезе за два и пол месеци во новата учебна година (по една и пол година отворен фронт за работа во објекот, без настава и ученици) како и многу други отворени прашања…

Сепак, едно е јасно, местото на децата им е во училишните клупи, а надлежните институции наместо изговори, треба да најдат соодветни решенија.

Проблем со затоплување на училиштата нема само училиштето „Здравко Цветковски“ во Скопје, туку и неколку други училишта во скопско, тетовско и струшко, за кои веќе претходно медиумите објавија дека немаат греење среде грејна сезона.