Сенатот на САД, во кој демократите имаат мнозинство, ја прифати мерката предложена од републиканците со која би се поништила одлуката на Бајден да воведе задолжителни вакцини или тестирања во приватни компании, пренесе Ројтерс.
Двајца демократски пратеници се приклучија на иницијативата на Републиканците, која на тој начин беше изгласана со 52 гласа за и 48 против, пред да биде испратена во Претставничкиот дом.
Законот ќе ја отфрли мерката на администрацијата на Бајден која предвидува задолжителна вакцинација или тестирање на коронавирус за сите вработени во компаниите со повеќе од сто вработени, а ќе вклучи милиони вработени.
Просто мнозинство од 51 глас е доволно за да се изгласа мерката во Сенатот. Двајца демократи – Џо Манчин од Западна Вирџинија и Џон Тестер од Монтана – им се придружија на педесетте републикански пратеници во гласањето за предлогот.
„Отсекогаш сум ја поддржувал задолжителната вакцинација за вработените во јавните служби и војската, бидејќи тоа е прашање од национално значење“, рече Манчин по гласањето. „Но, јас не поддржувам задолжителни вакцини во приватни компании. Федералната влада не може да им одреди на сопствениците на приватни компании како да ги заштитат своите вработени од Ковид 19 и како да го водат својот бизнис“, рече тој.
Манчин додаде дека бил вакциниран со две дози од вакцината и дека добил и бустер доза и ги охрабрил сите Американци да го сторат истото.
Републиканците велат дека се бомбардирани со повици од компанија со 500 вработени кои стравуваат дека ќе мора да отпуштат работници кои се против вакцинирање и тестирање. „Тоа ги загрижи обичните луѓе и малите бизниси“, рече републиканскиот сенатор Мајк Браун, кој го иницираше предлогот, пред гласањето.
Белата куќа во вторникот соопшти дека обврската за вакцинирање или тестирање на вработените нема да биде товар за работодавците бидејќи огромното мнозинство Американци се целосно вакцинирани и дека правилото нема да важи за малите бизниси.
Лидерот на републиканците во Сенатот, Мич Мекконел, декретот на Бајден го нарече „незаконски“ и „апсурден“ обид на владата да управува со животите на обичните граѓани.
„Федералната влада, елитите во Вашингтон, не можат да управуваат со личните избори на граѓаните без легитимна основа во законот и Уставот“, рече сенаторот Мич Меконел од Кентаки, пренесува Њујорк Тајмс.