Ако уредот за отпечатоци од прст при гласањето покаже жолто, односно, не може да најде совпаѓање на отпечатоците на гласачот во електронскиот избирачки список вметнат внатре, лицето сепак ќе може да гласа. Но, само доколку избирачкиот одбор го утврди идентитетот преку личната карта, како и дека гласачот не гласал претходно преку потписот во хартиената верзија на избирачкиот список. Тој ќе може да се внесе во уредот преку отчитување на матичниот број, при што и во тој случај му се зема отпечаток. Ваквите случаи, Државната изборна комисија ќе може да ги проверува со споредба.

Втор исклучок, кога членовите на ДИК би можеле да вршат споредба на отпечатоците во целата држава, е кога уредите за идентификација не би работеле и би се преминало на гласање со ув ламба и спреј. На граѓаните кои би гласале вака, ќе им биде земен отпечаток од прст со помош на графитно перниче, ќе се стави на хартија во посебна графа на избирачкиот список, по што подоцна ќе се проверуваат отпечатоците.

Први ќе гласаат лицата кои до утре на полноќ ќе се пријават како болни и немоќни. Рокот за болните од ковид-19 или во самоизолација е до 11 октомври на полноќ. Покрај нив, ден претходно, на 16 октомври ќе гласаат и затворениците, лицата во притвор, во стaрските домови и внатрешно-раселените лица. Утврдувањето на идентитетот и проверката дали веќе гласале, кај нив нема да се врши со уреди за биометриска идентификација, туку ќе се користи спреј и УВ ламба.