Компаниите добија повисоки сметки за струја најмалку за 60 насто. Енергетската криза најсилно удри по бизнисот. За граѓаните засега е стабилно, но е крајно неизвесно како ќе биде по Нова Година. Поради либерализираниот пазар на електрична енергија во земјава кој е директно поврзан со глобалните берзи каде цената на електричната енергија енормно расте, а од каде фирмите купуваат струја, стопанството со зголемени трошоци. Во апсолутни бројки, ако една компанија имала сметка за струја од 10 илјади денари, сега таа изнесува најмалку 16 илјади денари.

Advertisements

„Во овој период цената на електричната енергија на слободниот пазар е зголемена и се разбира дека тоа кај одредени македонски компании ќе има соодветно влијание. Само за споредба, доколку цената на ЕСМ по која испорачува на домаќинствата е 36 евра за мегават час, цена на слободниот пазар имаме за 140 евра за мегават час“, рече Марко Бислимовски претседател на Регулаторна комисија за енергетика.

Една од причините за енормниот раст на струјата на светските берзи е намалената испорака на природниот гас кој се користи за производство на струјата, но и главен ресурс за производство на топлинска енергија. Бислимовски сега вели дека цената на парното е сигурна до крајот на годинава, но потоа не се знае. Но, доколку нема стабилизаци на цената на гасот, парното со сигурност двојно ќе поскапи. Премиерот Зоран Заев вели дека владата презема мерки за стабилизација на состојбата преку намален ддв на струјата и обезбедено производство и дистрибуција за граѓаните.

„Јасно е дека трендот покажува дека цената на струјата и во иднина ќе биде многу висока, заради тоа што се повеќе и повеќе се затвораат јагленови централи, заради тоа што се повеќе расте побарувачката наспроти производството на електрична енергија, природниот гас порасна во вредност, и другите супституенти за производство на струјата. Сериозно сме посветени како Влада од економско – социјален аспект на нашите домаќинства“, рече премиерот Заев.

Според експертите стабилизација на состојбата на оваа енергетска криза ќе има само по затворањето на прашањето со Северен тек 2. Во тој момент ќе се намали и цената на природен гас, бидејќи во Европа ќе дојде природен гас и по оваа нова врска која ќе влијае и врз намалување на цената на електричната енергија. Инаку, тектонски поместувања на цените на берзите има само во земјите од Европската Унија, а тоа не е случај во Турција или пак, во Русија.

Иле Петревски