Парковите, според Арсовска, би се изградиле во населбите Гази Баба, Чаир, Аеродром, Кисела Вода и во Ѓорче Петров по примерот на градскиот парк. Оправдување за оваа мерка на Арсовска, наводно е негрижата за Градскиот парк изминатите години.

„Тие ќе бидат површини коишто … јас имав прилика да разговарам со луѓето кои ќе бидат дел од идната локална власт во општините во градот Скопје и токму на оние места каде што заеднички разговаравме и дискутиравме дека има просторни можности, таму да се направат и да бидат сместени. Меѓутоа и не само на тие локации. Понатаму во секој случај ќе имаме можност да разгледуваме и договараме со скопјани дали на нив тоа им одговара иако јас верувам дека никој нема да има ништо против тоа да имаат навистина убав и голем парк во своето маало“, одговори Арсовска на новинарско прашање на денешната прес-конференција.

Локалната власт е комплексна и сложена работа и треба повеќе од менаџерска способност за да се раководи со една општина или град. Познавачите на состојбите се сомневаат во одговорот на Арсовска, пред сè поради потребата од менувањето на Деталните урбанистички планови на секоја општина поединечно за вцртување на паркови, па и Генералниот урбанистички план на Град Скопје, кој е документ кој ги обединува сите ДУП-ови.

Арсовска не кажува колку би чинеле и колкава површина би зафаќале, имајќи на ум дека се работи за т.н. „Мега паркови“, дали би се граделе на приватно или јавно земјиште и како градот, но и граѓаните на Скопје финансиски би го поднеле тоа.

Меѓутоа, додава Арсовска, повторно избегнувајќи да даде точен одговор за парковите, ќе се посветела и на изградба на 20 помали паркови, во секое од населените места.