Во август трошоците на живот во однос на истиот период лани се зголемени за 3,6 отсто. Цените на мало пораснале за 4,9 проценти. Но, разлика во трошоците на граѓаните има и на месечно ниво. Информациите од Државниот завод за статистика велат дека трошоците за набавка на разни земјоделски плодови во август во однос на јули се повисоки за речиси 16 отсто. Поскапувања има и кај млечните продукти, а за речиси за еден отсто се зголемени и трошоците за лебот и месото.
Advertisements
ТРОШОЦИ ЗА ЖИВОТ
Компири 15,8%
Сирење и урда 11%
Месо 0,9%
Леб 0,7%
Статистика регистрира и повисоки цени на шеќерот, џемот, медот, чоколадите и на останати кондиторски и прехранбени производи. Граѓаните се жалат дека месечните примања им се исти со години наназад, а живејачката е сè потешка.
„Тоа е многу ситно ама за некого е многу, 10-15 денари за во Македонија е тешко да се издржи. Да е во друга држава ќе се издржи, но во Македонија нема шанси. Луѓето нема да можат да се прехранат…“
„Секое поскапување на основниот материјал носи поскапување на производот. За жал кај нас за еден посто да се поскапи материјалот, цената оди веднаш над 10 посто…“
„Тоа е ужасна сиромаштија. Јас да ви кажам, не само пензионерите, туку и тие што земаат минимални плати не знам како ќе издржат. Со деца со фамилии не знам како, тоа е страшно покачување“, рекоа анкетираните граѓани.
Алсат пред два дена објави дека малите пекари веќе ја зголемија цената на лебот и на белите печива. Причина биле повисоките цени на пченицата за 20 отсто, поскапувањето на индустриската струја за дури 100 проценти. Велат – трошоците за пакување на производите им се пораснати за 50 насто.
„Сето тоа придонесува на зголемување на цените на брашното од домашно производство, а како последица од тоа е зголемувањето на цените на лебот и белите печива“, рекоа од Здружението на мелничко-пекарската индустрија.
Домаќинствата повеќе ќе треба да платат и за одредени стоки и услуги кои се надвор од синдикалната кошничка, бидејќи и кај нив има промена во висината на цената.
Иле Петревски