Миралем Пјаниќ ја напушти Барселона и оваа сезона ќе ја помине на позајмица во турскиот шампион Бешикташ.

Откако потпиша договор со истанбулскиот гигант, Пјаниќ жестоко го критикуваше тренерот на Барселона, Роналд Куман, во интервју за Марка.

„Куман не ме почитуваше. Никогаш не разговараше со мене. Не можев да ја прифатам ситуацијата што ми се случи минатата сезона. Јас сум фудбалер, сакам да играм и тоа е она што ме прави среќен“, рече Пјаниќ, додавајќи:

„Искрено, се уште не знам што сакаше од мене. Имав КОВИД кога првпат дојдов. Не започнав да тренирам на време. Тренерот никогаш не ме воведе во групата како и другите играчи. Од самиот почеток се беше многу чудно. Јас сум професионалец, можам да разберам дека не сметаат на мене, но некој мораше да ми објасни зошто. Јас немам 15 години“.

„Тој никогаш не ми даде вистинска шанса. На секој натпревар што го играв ме ставаше во различна позиција. Искрено, се прашував што правам погрешно. Можеби не му се допадна тоа што го кажав пред печатот. Можеби беше, а можеби и едноставно не ме сакаше. Би сакал да ми го кажеше тоа на лицето. Го победуваме натпреварот во Торино, играм добро и тогаш воопшто не сум во натпреварот во Ла Лига. Се прашувам што сакаше од мене“.

Во интервју за Мундо Депортиво, Куман ја објасни ситуацијата околу Пјаниќ и посочи дека другите играчи едноставно биле подобри од него.

„Мислам дека е малку фрустриран и целосно разбирам дека е разочаран“, изјави Куман за Мундо Депортиво и продолжи:

„Во нашиот претпочитан систем на игра, со и без топка, тој го загуби местото во конкуренцијата. Ништо друго не се случи. Се обидовме, но другите играчи беа подобри. Му посакувам се најдобро“, рече тренерот на Барселона.

Пјаниќ одигра 30 натпревари за каталонскиот гигант. Тој главно ја добиваше шансата од клупата и немаше сериозен ефект.