Помошник-државниот секретар на САД задолжен за Европа и Евроазија, Филип Рикер, на завршната прес-конференција од првото издание на „Преспа Форум Дијалог“ конференцијата што се одржа во Охрид порача дека САД ги препознава спроведените реформи во Северна Македонија, а поддршката на присоединувањето на земјата кон Унијата го посочи како елемент на американската надворешна политика.
– На сите билатерални состаноци што ги водевме тука во Охрид заедно со колегата Палмер ја поздравивме препораката од март минатата година ЕУ да отпочне преговори за пристапување на Северна Македонија и на Албанија, како признание за спроведените реформи. Пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ ќе ја зголеми регионалната, но и стабилноста во Европа, како и економските врски во рамки на трансатлантското партнерство. Тоа беше и елемент и на надворешната политика на САД години наназад. Последните одлуки што ги блокираа интегративните процеси на Северна Македонија го поткопуваат кредибилитетот на ЕУ во регионот и во меѓународни рамки. Тоа испраќа погрешен сигнал и зајакнува некои перцепции дека ЕУ го напушта регионот. Не верувам дека тоа е така и затоа порачавме дека е потребно неодложно отпочнување претпристапни преговори и за Северна Македонија и за Албанија…рече Рикер.
По однос на стратешкото партнерство меѓу САД и Северна Македонија, тој истакна дека земјата треба да гледа на САД како на најдобар пријател што е можно кога станува збор за меѓународни односи на две држави.
– Спогодбата за стратешко партнерство САД ја потпишаа со Северна Македонија од 2008 година после Самитот на НАТО во Букурешт. Но, сега ние сме повеќе од стратешки партнери, ние сме НАТО сојузници, а тоа се најблиски односи што САД можат да ги имаат. Како сојузници во рамки на НАТО ние остануваме стратешки поврзани во сите аспекти на трансантлантскиот контекст, независно дали се работи за сојузништво во областа на одбраната, економските можности, промоцијата на заедничките вредности. Нема посилна врска од онаа што ја имаат сојузниците, а Членот 5 од Северноатлантското сојузништво значи задничка одбранбена политика, што е исклучително важна основа врз која се засноваат нашите меѓусебни односи, рече Рикер.