Владимир Перев
Легендата вели дека најтешката и најризичната работа во антиката била, да се биде царски гласник. Таквиот гласник секогаш бил должен да носи само добри вести, а во случај да донесел лоша вест, непријатна за господарот, веднаш бил убиван, најчесто фрлан во длабок бунар, осуден на сигурна, но спора и мачна смрт.
На последното поклоничко патување на Зоран Заев и неговиот антураж во Софија, никаде не ги видовме неговите “царски гласници“, Љубчо Георгиевски и Владо Бучковски.
Ни трага ни глас од нив, ниту дума за нивната мисија, наполно отсутни од снимките и видео записите, како воопшто да не постоеле. Останува само непоставеното прашање, дали воопшто биле поканети на средбите во Софија. Разбирливо е ако не биле поканети, но интересното е, ако биле поканети, зошто не дошле и како тоа е образложено…се надевам дека никому не му текнало да го применува античкиот обичај на однесување со “лошите“ гласници и гласови. Да кажеме дека не се заборавени, сите се прашуваат каде се преговарачите, ги нема на видокругот, нема изјави од нив, ги нема во медиумите, нема позиција, нема мнение, нема идеја како понатаму…тие некако станаа олицетворение на целата бесмисленост и стерилност на нашата политика. А требаше да ги земат со нив, за да си ги видат резултатите од нивниот труд.
Така е тоа кога на преговори со политичка и државна сила, се испраќаат преговарачи без државна и речи си никаква политичка сила. Изјавата дека биле “пријатели на братска Бугарија“ е комплетна глупост, во преговорите нема “братство“ туку сила која стига до границите на отворен конфликт, а што се однесува до “пријателството“, бугарската држава овде кај нас, во Македонија и меѓу македонците има многу поголеми пријатели со поголема политичка сила од двајцата бивши премиери. Дури постои и партија со бугарски политички предзнак, додуша неуспешна на изборите, ама ова нешто Заев го знае многу добро и дел од вината си ја сноси самиот тој. Најтрагичното за нас, во сето ова е и тоа, што бугарите исто така добро знаат што се случува во Македонија, ама во име на “пријателството и братството“, а најмногу во име на политичката борба за изборите, мудро молчат и ја чекаат разврската на македонската политичка сцена…впрочем, ним не им се брза никаде, напротив, сега сакаат малку да “подзапрат“ за да ги средат сопствените редови.
55
Заради непознавањето на ситуацијата и заради “мижењето со отворени очи“ сеуште во македонските медии можеме да ги чуеме глупавите изјави, дадени во најразлични варијанти и со уште поглупави објаснувања дека „на 22 јуни има некаква надеж“ за решавање на проблемот. Сите знаеме-нема надеж за 22 јуни. Протоколарните насмевки на Димитров и Захариева, седнати еден карши друг на средбата кај Борисов, беа вистинската слика на бесмисленоста на македонската политика.
Има нешто кое двете средби на Заев, со Борисов и Радев, ги прави историски. Евидентното отсуство на “специјалните преговарачи“, го засени отсуството на некогаш неопходните преведувачи на бугарски-македонски, на кои толку многу, во минатото инсиститаше македонската страна. Нив ги немаше, не ги видовме на сцената, ама и ги немаше зад сцената, тоа беше јасно од логичниот континуитет на разговорите. Добрите познавачи на грчкиот јазик велат дека разговорите на нашите со бугарите личеле како разговори на обикновен грчки земјоделец, со некој високообразован грчки политичар. Просто речено, Радев и Борисов говореле на катаревуса, а Зоран Заев на димотики, со неуспешен напор да се приближи до катаревусата на соговорниците. Останува дилемата дали било смешно или трагично и кој бил во главната ролја на таа трагикомедија. Некои од нас се почуствуваа навредени, но се пројави една идеја, да се влијае на бугарските медии да објавуваат цитати во преземени текстови од нас, на оригиналниот, македонски јазик, (колку и да е непостоечки), а македонските медии да цитираат преземени текстови на оригинален бугарски јазик и писмо, па макар колку и да се правиме дека не ги разбираме.
Со тек на време сѐ се учи…кој научил српски, лесно ќе го совлада “простиот“ бугарски, толку сличен на нашиот. Тоа би требало да биде нашата поддршка на напорите на Заев, без оглед на тоа што знаеме како тојработи со српскиот, англискиот, а сега го видовме и со струмичко-бугарскиот јазик.
Кабинетот на Радев испрати јасна порака за платформата за преговори со нас. Над влезната врата во кабинетот на Радев ги немаше вообичаените фотографии на бугарските револуционери како Васил Левски или Христо Ботев, немаше фотографија ни од Раковски, ами стоеја, од двете страни на вратата фотографиите на Константин и Димитар Миладинови. Како некој мисли да преговара за Гоце Делчев, ако ја гледа јасната порака за припадноста на браќата Миладинови. Тоа е не само политичка, туку и културолошка порака за обемот и димензиите на бугарското поимање на сопствената историја.
Сепак, нешто се менува во нашата, македонската политичка логика за односите со Бугарија. Напредуваме. Груевски не сакаше да преговара воопшто, тој не сакаше нито да разговара со поинакумислечките луѓе во земјава, па затоа сега е таму каде е заедно со истите кои мислат како него, ама веќе не е “главниот“. Тој е фејсбук, виртуелна личност, неговите блиски ги влечат по судовите и тоа е цената која треба да се плати за бесмислата на непродуктивниот инает. Заев преговара, ама неговите “гласници“ се без политички бекграунд и без влијание на бугарската политичка сцена. Тоа треба да се промени.
Бугарија има свои политички лостови во Македонија, Заев добро знае кои се тие и треба да се потруди да ги контактира. Наместо да дава пари на разноразни алчни лоби групи низ Европа и низ самата Бугарија за оцрнување на “братската и пријателска“ Бугарија, секогаш наречувана како фашистичка и националистичка творба, треба да посвети внимание на политичките лостови во сопствената држава. Јава тајна е дека само наследниците на ванчомихајловистичката идеја се вистинските застапници за отвореното и искрено приближување меѓу Македонија и Бугарија. Тие се базичниот елемент на формирањето на модерната македонска држава, колку тоа да звучи грдо кај Заевите екскомунисти и необолшевици. За тоа требало да го праша Љубчо Георгиевски, ќе го добиел вистинскиот одговор. Ако тој и неговата партија, заедно со неважните но меркантилни нивни сателити тоа го преболат, успехот во преговорите ќе биде гарантиран.
Ние не треба да ги “убиваме“ преговарачите и гласниците, ами треба да ги најдеме најсоодветните. Така, и тие ќе бидат навистина спасени од политичката стигма заради неуспехот, а ние ќе бидеме спасени од гледањето лажни насмевки и слушањето протоколарни глупости, толку ненужни на Македонија во овој миг.