На токсичната материја која го загрозува Скопје со години, се чини и доаѓа крајот. Во јули треба да започне чистењето на линданот, една од 4 депонии на просторот на поранешен Охис. Процесот на чистење се очекува да заврши за 12 месеци рече министерот за животна средина Насер Нуредини.

„Министерството го достави планот и Владата го усвои и очекуваме да започнеме со реализација на истиот во јули. Во меѓувреме ќе се ангажираме да ги информираме граѓаните кои живеат во таа зона да ги преземат сите мерки пред да започне процесот на чистење“, рече Насер Нуредини, министер за животна средина.

Сега со помош на Норвешката амбасада, обезбедена е и апаратура за детекција на присуство на линдан, освен во депонијата и во воздухот. Во меѓувреме заменик амбасадорот на Норвешка Геир Јохансен рече дека 3 години работеле на детекција на овој проблем.

„Нашата влада издвои 1,5 милиони евра, а Владата на Македонија издвои 1 милион евра за санирање на загаденото земјиште со линдан во поранешната фабрика Охис“, посочи Геир Јохасен, заменик амбасадор на Норвешка.

Професорката Марина Стефова од институтот за хемија објасни што ќе се мониторира со донираните средства од Норвешка.

Во меѓувреме што се однесува до чистењето на големата депонија со линдан, министерот Нуредини рече дека тоа ќе се одвива чекор по чекор. Над 13 илјади тони опасен линдан во малата депонија на Охис и четири пати повеќе (над 50.000 тони) во големата депонија. Не се знае уште колку тони канцерогени хемикалии има во двете депонии, една во дворот на поранешната фабрика а другата надвор од неа, на локалитетот Пеленица во близина на Драчево. Опасниот инсектицид веќе пет години е една од најжешките еколошки локации која е постојана закана за Скопје.