Нацијата да живее во еуфорија, но репрезентацијата да остане на цврсти нозе и подготвена за Европското првенство, рече на прес конференција по натпреварот, селекторот Игор Ангеловски.

„Целта на овие два меча беше да пробаме тимски и тактички варијанти, но и сите да добијат минутажа. Тоа се покажа успешно на двата натпревари, благодарам на навивачите пред се, добро е што ги поздравивме со таква победа. Но, не ни треба еуфорија, Македонија нека ја живее таа еуфорија, а ние мора да стоиме цврсто на нозе“, изјави Ангеловски.

Во второто полувреме два гола постигнаа и нашите дебитанти Милан Ристовски и Дарко Чурлинов, кој е коментарот на Ангеловски?

„Им честитам на настапите и на головите првенци, јас затоа и ги повикав затоа што верувам во нивните квалитети. Ако се потсетиме во минатото, Чурлинов е најмлад дебитант со 16 години и три месеци за Македонија, Милан Ристовски како тренер на Работнички му дадов шанса на 17 години. Затоа се тука. Кажав и кога го објавив списокот, јас како селектор морам да мислам на иднината. ЕП ќе биде добро искуство за нив“, прокоментира селекторот.

Македонската селекција по денешниот натпревар, уште три дена продолжува со подготовките во Скопје, а потоа од 8. јуни се сели во својата база во Букурешт каде ќе се очекува првиот натпревар на ЕВРО 2020 против Австрија на 13. јуни.