Кога секој би живеел ослободен од ставот „некој друг ми е крив“ би биле многу посреќни. Нереални очекувања, материјализам, гледање на туѓи животи и споредување, хедонизам, немање мера… сè се ова токсини за кои ако не сме свесни и не знаеме да ги исфрлиме ќе нè отрујат, вели јога-инструкторката Лејла Рамковска во разговорот за „Женски печат“.
Лејла Рамковска е една од најпознатите јога-инструкторки кај нас. Плени со својата надворешна и внатрешна убавина, со своето спокојство, со спонтаноста. За седум години, откако се посвети на јогата, својот живот, вели, го презела во свои раце и цврсто стои зад секоја одлука.
За релативно кратко време колку што сериозно се занимаваш со јога, успеа да ги совладаш техниките и да воодушевуваш со неверојатни пози. Како го постигна тоа?
– Поточно ова е седма година откако почнав со некој најлесен степен на јога. Што е апсолутно релативно, за што и за кого е долго или кратко време. На јога-праксата и „постигнувањата“ не треба да се гледа низ призма на временски период. Бидејќи, на пример, во однос на сите тие пози што ги гледате, многу лесно некое дете што тренирало гимнастика може да ги изведе, па и многу подобро. А едноставно сум ги совладала тие техники бидејќи ми биле интересни, за тој временски период мотивирачки. Искрено го надминав сето тоа, а од друга страна и ми помогна цела таа авантура на тестирање на своите можности и ме доведе до тоа сега да ми е многу поголем предизвик да успеам да го задржам својот мир, баланс, а најважно да успеам да гледам позитивно на работите и кога ми е стемнето. Тоа бара многу поголема работа, која не се гледа на социјалните мрежи.
Како ќе го опишеш својот живот пред да почнеш да се занимаваш со јога и потоа?
– Пред да почнам да се занимавам со јога ја немав контролата на својот живот во свои раце. Важни одлуки во животот несвесно ги оставав на другите да ги донесат за мене. Со јогата се осознав себеси и силата што ја имам да можам јас лично да си го водам својот живот по свој избор.
Кои животни лекции ги научи од јогата, кои афирмации, позитивни погледи на светот и на луѓето?
– Пред сè да бидам флексибилна кон себе и кон другите, да не судам. Единствено што не толерирам е злоба и завист. Треба да научиме како е да се живее ден за ден, но да не се заборави дека секој ден го гради нашето утре.
Што, според тебе, нè оддалечува од внатрешниот баланс, односно нè втурнува во емоционални кризи, анксиозност, депресии, лутина, незадоволство?
– Според мене незадоволство од себе доведува до сето ова спомнато. Лутината доаѓа бидејќи многу добро во себе знаеш дека не правиш сè од себе. Кога секој би живеел ослободен од ставот „некој друг ми е крив“, би биле многу посреќни. Нереални очекувања, материјализам, гледање на туѓи животи и споредување, хедонизам, немање мера… сè се ова токсини за кои ако не сме свесни и не знаеме да ги исфрламе, ќе нè отрујат.
Во одредени периоди од животот сите сме поминувале низ лични борби со своите внатрешни непријатели, можеш ли да ни раскажеш за една таква твоја борба?
– Секако дека се случува тоа од време на време, луѓе сме. Но јогата навистина е клучна во умеењето на враќање во нормала.
Имам моменти кога губам мотивација или некоја емотивна фаза. Но знам да ги препознаам како моментални состојби и свесна сум дека тоа поминува. Си земам неколку дена право за изолирање. Не буквално да не гледам никого, туку така, блага повлеченост. Бидејќи не сакам на другите да им ја префрлам таа енергија.
Што може денес да те исфрли од рамнотежа во нашава држава, што може да те налути, да те повреди?
– Мене тој менталитет на константно незадоволство и кукање за државата и луѓето во неа не ми се допаѓа и ми е крајно одбивно да го слушам. Пак ќе повторам, оној став дека некој друг ни е крив е сеприсутен. Крајно имаш слобода да смениш сè што сакаш, па и својата држава.
Како реагираш на навреда, озборување, дрскост?
– Генерално сум научена сето тоа да го игнорирам. Со успехот природно си доаѓаат тие работи. Сè додека некој лично во лице не ми се обрати, немам реакција. А за жал, секогаш е зад грб.