„Ние бевме две срца, а иста душа. Таа беше мојата кротка убавица, на која можев да се потпрам за сѐ. Мојата хероина, весела и полна со живот. Од малечка ми беше поддршка, ми ја подаваше топлата рака да ја споделам радоста или да ми биде како утеха. Бевме едно, врзани и испреплетени на свој начин“. На овој начин Марија Дојчиновска Спасовска ја опишува својата сестра Ирена, која ја изгуби битката со короната. По 40 дена борба за живот, почина на 16 декември 2020 година. Ја погребаа на 18 декември, денот кога требаше да го прослави 40-от роденден.
Ирена Дојчиновска Милошевска, дипломирана медицинска сестра, работеше во ЈЗУ Спец.болница за геријатриска и палијативна медицина 13 Ноември Скопје. Со појавата на ковид пандемијата меѓу првите го облече скафандерот. Застана на првите редови од фронтот во борба со „невидливиот непријател“. Колегите ја опишуваат како голем човек, секогаш позитивна и насмеана. Никогаш работата не и била оптоварување, туку радост и предизвик. Пациентите ја обожавале. Со својата грижа и насмевка им била мелем на болната душа. Иако имала финансии, да се откаже од работата и да се посвети на потомството, одбила тоа да го стори, без да размислува за своето здравје.
*На кој начин ве извести дека има ковид? Веруваше ли дека ќе ја добие борбата?
– Нејзиниот карактер беше таков, да ги поштеди најмилите и секогаш да ги истакнува само убавите работи. На многу смирен начин нѐ извести дека е позитивна. Само рече: „Тоа е.“ И се насмевна, само за да не внесе немир и паника во семејството. Беше многу храбра, а таа нејзина особина беше највидлива кога лежеше во болница. Единствена комуникација со неа ни беше телефонот. Секое утро преку камера ќе ни мавнеше и ќе ни кажеше: „Добра сум.“ Иако здравствената состојба ѝ се влошувала и знаела дека животот ѝ е во опасност, не покажа слабост и секогаш нѐ охрабруваше дека сé ќе заврши добро, само за да не ни нанесе болка.
* Кога последен пат се слушнавте и што ви кажа?
– Се слушнавме два дена пред кобниот ден. Се видовме на камера, ѝ пратив фотографии од децата и си кажавме една на друга колку се сакаме. Во текот на разговорот ја сврте камерата, само за да не ја видам со солзи. Кога ситуацијата стана критична и итно требаше да ја префрлат во одделот за интензивна нега, со неа беше сопругот. Успеа да собере сила и да им се јави на родителите. На мајка ми ѝ рекла: „Добра сум, мамо.“, само за да не ја загрижи. Потоа се јавил татко ми и успеал да ѝ каже само „Бори се, Ирена, заради тато!“ А таа му возвратила: „Добро, ќе се борам, тато.“ Дента пред да почине, во нејзината соба влегол болничарот, нејзин пријател. Ја послужил со вода. Во еден момент забележал две солзи на нејзиното лице. По кратко време, засекогаш ги затвори очите. Почина на 16 декември, од постковид компликациии. Доби тешка пневмонија, со која храбро се бореше 40 дена.Ја погребавме на 18 декември, на денот на нејзиниот 40 роденден. И покрај пандемијата, на погребот дојдоа многу луѓе, нејзини пријатели, колеги. Гробот ѝ беше покриен со многу цвеќиња. Како рајска градина.
* Каде Ирена остана недоречена, неисполнета? Што најмногу посакуваше да ѝ донесе иднината?
– Сестра ми беше полна со живот, енергија, имаше многу желби кои веруваше дека ќе ѝ се остварат. Ирена беше жена борец, голема другарка. Имаше искрена и чиста душа. Желба ѝ беше да стане мајка. Професионално планираше да се запише на постдипломски студии. Сакаше да се надоградува во работата, да патува и да го живее животот како што само таа умееше. Кога болничарот ни кажа што се случило пред да нé напушти засекогаш, знаев за кого беа наменети двете солзи. Едната за нероденото дете, другата за најблиските.
Целиот разговор прочитајте го на Женски Магазин
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.