Денеска своето срце ќе ни го отвори Ѓорги Галетановски-Чомбе. Некогаш менаџер, млад човек кој живеел нездрав живот, а сега е директор на скопската Зоолошка градина, која постојано се разубавува.
Има медиуми и луѓе кои честопати го поврзуваат со скандали, но од друга страна, ужива поддршка од многу млади луѓе, за кои и самиот вели дака сака да им помага, и продолжува:
– Скопје е таков град, Колку и да си добар во нешто, секогаш ќе се најде некој да те „исплука“. Не можеш на сите да им угодиш. Јас лично, не се доживувам себеси како скандалозна личност. Тоа што пишувале одредени медиуми се само претпоставки или желби на одредени луѓе кои ме замислиле како таков или пак е вистина, но јас не сум го гледал како скандал. Можеби е и нормално, за некој што работел долго врме како менаџер, да има луѓе кои не го почитуваат и сакаат. А поддршка, имам од сите мои пријатели и многу млади луѓе на кои сум им помогнал во рамки на своите можности, и ќе продолжам да им помагам. Знам колку е важно за една млада личност да ѝ дадеш поддршка, совет и да ѝ помогнеш кога е најпотребно. Како помлад јас не заминав во странство, останав тука со верба дека младината е столб на секое општество и со борба која нема да ја престанам за правата на младите.
Две животни лекции
Чомбе е роден во Скопје во 1982 година, а израснат во Кисела Вода. Од она што го има како сеќавање од најраното детство, вели дека најтрауматичен момент му било кога го оставиле првиот ден во забавиште, а неизмерно среќен бил кога добил скејтборд и нинтендо. Израснал со баба му и дедо му, па така секогаш бил патријахално воспитуван. Животот го научил и на двете лекции: како е да имаш многу и како е да немаш ништо. Токму ваквите осцилации, Ѓорѓи ги препознава како клучни во неговото созревање и формирање на неговиот карактер.
– Мислам дека тоа беше некаде пред да завршам средно. Моите дома имаа финансиски пад. Од дете што имало сė, видов дека доаѓаат моменти кога мора да научиме како е и кога немаш и дека мораш да работиш за да имаш. Така и почнав да работам, а личност што клучно влијаеше на моите навики тогаш беше Камењар – газдата на Б2. Мислам дека тој ме стави во ред професионално. Моите родители се моите најголеми идоли, бидејќи израснаа две деца, од кои едното уличар (јас), ги образуваа и ги извадија на прав пат и покрај тоа што имавме многу, а еден ден се разбудивме и немавме ништо, искрен е Чомбе.
Тој вели дека улицата му дала многу, таму научил да егзистира, сам да се бори, таму научил дека по семејството, другарите се второто семејство, и продолжува:
– Учиш да помагаш колку можеш. Дека мора да правиш добро за да ти се врати со добро. Тоа не може да се научи на факултет. Родителите не можеа од улица да ме приберат. Мајка ми се лутеше бидејќи многу мали останувавме до многу доцна. Порано немаше ни интернет, ни телефони, тротоарите ни беа сė.
Отворено за пороците и ноќниот живот
Некои пороци беа дел од твојот живот. Кога беше тоа и како се „откачи“ од истите? Раскажи ни за твојата лична трансформација
– Ако цигарите, алкохолот и ноќниот живот се пороци, да. Тешко ми беше да се откажам од нив, освен од алкохолот, никогаш не сум ни претерувал. Сум влегол и во казино. А трансформацијата, да бидам искрен, беше тешка. Прекинав нагло во 2017 година за да се посветам на магистерските студии кои ми беа важни за да напредувам професионално во друга сфера, која не е поврзана со ноќниот живот. Од „заглавување“ до 4-5 часот наутро, почнав да станувам во 7:30. Ми требаше година дена за да дојдам при себе. Тој ноќен живот е магија. Одиш на работа во 22 ч, земаш добра плата, сите ти глумат другари, сите врати ти се отворени. Но, одеднаш се будиш и од 18 години имаш веќе 35 години. Изгубен биоритам, несериозни врски и си викаш доста е! Носиш одлука дека тоа ќе остане само убаво минато. Од утре продолжуваме по сериозно во животот.
Чомбе вели дека многу повеќе привилегии, во однос на девојките, и мал кога бил менаџер, отколку сега како директор на зоолошката градина, бидејќи самата природа на работата овозможувала контакти со повеќе девојки. А што се однесува до случувањата од сепарињата, вели:
-Уффф… сум имал многу бидејќи секогаш работев во најпосетените места и најголемите гужви, ти барем знаеш си била гостин. Навистина не можам да одвојам една случка, бидејќи, сакаш или не, секогаш си таму и ги знаеш приватните работи на голем дел од гостите, а имало многу. Сведок си на прељуби, изневерувања, па тој бил скаран со оној, немој да ги седнеш сепаре до сепаре…
Галетановски има завршено средно ветеринарно, а сега веќе е магистер по менаџмент и туризам. Гледајќи наназад, тој како свој најголем пропуст го смета тоа што не го завршил навреме факултетот и што барем 4 години порано не престанал со менаџерството.
– Имав шанса да одам во Америка на 30 години и да работам таму како менаџер, но не отидов. А најголем успех и сатисфакција ми е тоа што се пронајдов во оваа функција како директор на Зоолошка Градина Скопје и што ми успеа да направиме подобро место за едукација и забава на сите деца во Скопје, Македонија, но и пошироко, вели Ѓорѓи Галетановски – Чомбе.
– Сите проекти во рамки на Зоолошката градина ги работам со целосна посветеност, не затоа што морам, туку затоа што тоа ме прави навистина среќен. Гледајќи ги среќни и задоволни сите посетители на Зоолошка, особено најмалите и најискрените, не можам, а да не сум исполнет и јас. Сега знам дека се движам по вистинскиот пат, така и ќе продолжам, завршува Чомбе.