Веќе извесно време се шпекулираше дека Кристијано Роналдо ќе го напушти Јувентус на крајот од оваа сезона.
Старата дама денес игра решавачки натпревар во борбата за место кое води во Лигата на шампионите, а доколку не успеат да изборат место во најелитното клупско натпреварување во светот, тогаш е скоро сигурно дека Португалецот ќе го напушти клуб.
Роналдо има договор со Јувентус на уште една година, но во претходните недели на големо се пишуваше дека тој веќе одлучил да го напушти клубот од Торино на крајот од оваа сезона.
Секако, тој веќе се поврзува со некои клубови каде што би можел да ја продолжи кариерата, првично тоа беа Реал Мадрид и ПСЖ.
Сепак, мадридски АС синоќа објави дека челниците на Манчестер Јунајтед веќе стапиле во контакт со Роналдо и му понудиле можност да се врати на „Олд Трафорд“.
Роналдо играше во дресот на Јунајтед од 2003 до 2009 година, а се прослави во Театарот на соништата. Но, Јунајтед не сака да прави притисок и тие само решија да му кажат на Роналдо дека може да се врати ако сака.
Се шпекулираше дека Роналдо би можел да се врати во Спортинг Лисабон, но неговиот менаџер неодамна го демантираше тоа.
АС пишува дека Роналдо разговарал и со Оле Гунар Солскјер и дека му се допаѓа тоа што Јунајтед воопшто не врши притисок да се врати, но тие му рекле дека секогаш има место за него во овој клуб, што го воодушевило Португалецот.
Доколку Роналдо реши да ја напушти Старата дама на лето, тогаш Јувентус се очекува да заработи околу 25 милиони евра од неговата продажба.
Но, она што им е најважно е дека сигурно ќе го ослободат буџетот за плата бидејќи Роналдо е убедливо најплатениот играч во Серија А со годишна плата од 30 милиони евра.