Владимир Перев
Сонував страшен сон…седам на аеродромот во Скопје и гледам како слетува бугарскиот председателски авион. Се отвора вратата од авионот, се појавува бугарскиот председател Румен Радев и со широка насмевка ја кани целата македонска делегација, на чело со Пендаровски да влезе во авионот. Сите се качуваат, а во меѓувреме двајцата председатели, срдечно прегрнати, разменуваат бакнежи и љубезни зборови. Вратата на авионот се затвора, јас сум внатре, моторите работат и, леле ужас-гледам како председателот Радев, широко насмеан и со самоуверени движења, седнува на капетанското пилотско седиште. Авионот полетува а јас речиси умрен од страв, се разбудувам, целиот испотен и претрпнат од виденото и доживеаното. Среќен сум што сум жив и што сум далеку од делегацијата, од било која делегација која со македонскиот председател се качува на авион.
Разбуден во првите мугри, палам цигара, си правам кафе, а мислите и спомените се јавуваат како некакви далечни реминисценции на нешта кои се случиле, ама подобро би било никогаш да не се случила и да не се сеќаваме на нив.
Македонските председатели немаат среќа со транспортот, со било каков транспорт. Првиот председател Глигоров во атентат, за малку ќе го загубеше животот и остана без едно око, вториот, Борис Трајковски го загуби животот во авионска катастрофа кај Мостар во БиХ а третиот, Бранко Црвенковски беше внимателен и малку патуваше. Па, просто речено, и не го канеа многу да оди некаде. Четвртиот, (Кара)Ѓорѓе Иванов го чуваа античките богови, а овој, петтиов, Стево Пендаровски, го одмина редот. Требаше да биде со вториот, со Трајковски на летот за Мостар,како негов советник, ама добил пролив и останал дома…носи подарен од Бога живот. Сепак, мислам дека на Радев не треба да му се даде да го управува авионот. Рим е на запад од Скопје и Софија, ама на мојот сон, Радев го возеше авионот некако многу на исток, на исток и сѐ на Исток.
Оваа година чествувањето на Светите Браќа не се случува на гробот на Св. Кирил-Константин Филозоф во Базиликата Сан Клементе, близу до Колосеумот во Рим. Македонската делегација и председателот ќе го одбегнат мачното чувство на бугарската сеприсутност таму. Имено, над самиот гроб на Св. Кирил има огромен мозаик-фреска на светецот поставена од Бугарија уште во дваесетите години од минатиот век, за околу таа, бугарската фреска да бидат наредени и спомен плочите на сите други славјански народи, вклучително и плочата на Република Монголија, сите помали и пообични од бугарската. Во прво време си помислив дека таа плоча е поставена за да ја потврди србоманската теорија, штедро поддржана од русите, дека бугарите и монголите се еден народ, ама љубезниот католички свештеник кој ме придружуваше, учтиво ми напомена дека монголите пишувале на кирилица, од како биле “советизирани“ од русите, па се дотогаш, кога јас бев таму, некаде околу 2012 година. Иначе, стариот свештеник, хрват по националност, ми кажа дека монголите се обидуваат да се вратат на старото писмо, ама почитта кон Светите Браќа останува како нивно наследство од советското/руското просветителство. На спротивниот ѕид пак, стои огромна фреска-мозаик на Св. Кирил и Методиј, висока повеќе од 2,5 метри, подигната од бугарската држава по повод прославата на 1300 години на државноста на Бугарија. До фреската стои и натписот: “Вечна благодарност на Светите Кирил и Методиј, со потпис – Тодор Живков, Президент на Република Б’лгарија!“ Така некако сето тоа изгледа, вистинска супериорност на бугарската духовност во Рим, а Тошката е единствениот комунист и диктатор кому Светата Столица му овозможила да се овековечи во еден католички храм.
Чествувањето во Базиликата Санта Марија Маџоре ќе има нов вкус, нови доживувања. Таа базилика е позната по тоа што за прв пат се осветени славјанските богослужебни книги и славјанскиот јазик е објавен за литургиски. Тоа е само факт почитуван и признат од сите, но се до 2015 година. Тогаш, на 2 ноември 2015 година, македонската делегација во Ватикан, открива спомен плоча за тој настан.
Таа плоча станува реалност пред се заради заложбите и успешната работа на дипломатската мисија на Македонија во Ватикан. За овие неколку години, до македонската плоча која има централна положба, како бугарската во Сан Клементе, се прикачени уште плочата на Словакија и веројатно уште една. Идејата за тоа е на македонскиот председател Ѓорѓе Иванов, кој покрај своите заложби за античност, сепак во Рим решил да постави паметна плоча на нашите просветители. Нашот Ѓорѓе не е глуп, знае дека во Рим не може да продава античност, па се решил за словенство, толку омилено кај него, кај србите, а бога ми и кај проруските бугари…само да не е бугарско! Античното останува за дома, за “внатрешна“ употреба.
На тие и таквите “римски пространства“ ќе се сретнат, ќе чествуваат и ќе направат поклонение кон делото на Светите Кирил и Методиј, двајцата наши председатели. Тоа веројатно ќе биде пријателски разговор кој ништо нема да реши, разговор стеснет во малиот простор оставен од величието на цар Борис III и апсолутизмот на Живков, од една страна и наложеното славјанство со античен вкус на Ѓорѓе Иванов, од друга страна. Работите изгледаат предрешени на неуспех. Ако до сега македонската делегација во Базиликата Сан Клементе секогаш ја чувствуваше својата подреденост и второстепеност во односите со Ватикан и со завист гледаше на бугарската страна, сега, во Санта Марија Маџоре, ситуацијата ќе биде изменета. Ред е Радев и бугарскта делегација да ја видат силата на македонската предаденост кон “општославјанското дело“, најчестата и наизглед бенигна вербална замена за обичното русофилство.
Важно е дека нема да се оствари мојот сон, авионот нема да го вози Радев, а двајцата председатели ќе се вратат живи, здрави и во добро и пријателско расположение. Познати и јасни се ставовите на “пилотот“ Радев, малку нејасни се ставовите на Пендаровски, но најдобро би било “авионот на разговорите“ да го вози по некој опитен политичар од делегациите, за нѐ ни се случи “дипломатска катастрофа“.
А и време е да престанеме да сонуваме тешки и мрачни соништа, ако таков ни е животот, барем да имаме мирен сон!