Браќата близнаци, Кевин и Оливие Њокас од денеска и официјално се дел од Металург. Прославените француски ракометари и долгогодишни репрезентативци на најсилната ракометна земја на светот во Металург ќе ги минат следните две сезони. Браќата близнаци се и први Французи во историјата на нашиот клуб кои ќе го носат дресот на Металург.
-Имав шанса до мене да е Кирил Лазаров и ми одговори многу прашања за мојот следен чекор. Тој ми даде совети и со мојот брат донесовме важна одлука за нашата кариера, благодарен сум за се што направи за мене и за сите работи што ми ги кажа, тој е мој вистински пријател. Лесно најдовме заеднички јазик со Металург, се договоривме и од следната сезона нашиот живот продолжува тука. Се надевам дека тимот ќе продолжи да расте со нашето доаѓање. При преговорите видовме многу сериозни работи. Ние сме победници и сакаме да донесеме нешто за Металург, изјави Оливие.
КЕВИН ЊОКАС (34 г., 188 см., 80 кг.) е десен бек, кој професионалната кариера ја почна во Пари Сен Жермен за кој настапувал од 2006 до 2012 години. Потоа по две години играше во Шамбери и во Гепинген, а една сезона го носеше дресот и на Гумерсбах. Од 2018 година е дел од Бенфика од каде и доаѓа во Металург. За репрезентацијата на Франција одигра 41 натпревар и има златни медали од ЕП 2014 во Данска и СП 2015 во Катар.
ОЛИВИЕ ЊОКАС (34 г., 188 см, 86 кг.) е лев бек, кој исто така првиот професионален договор го потпишал со екипата на Пари Сен Жермен, за која настапувал од 2006 до 2008 години. Оливие по заминувањето од ПСЖ една сезона мина во шпанскиот Алкобендас, а потоа пет сезони беше дел од Кретеј. Од 2014 до 2016 години го носеше дресот на Балинген, а последните пет сезони ги мина во Нант, каде настапуваше со селекторот и капитен на македонска репрезентација, Кире Лазаров. За репрезентацијата на Франција одигра 32 натпревари и е носител на сребрен медал од ОИ 2016 во Бразил и на златен медал од СП 2017 во Франција.