Владимир Перев
Земјата е подготвена веднаш повторно да седне на преговарачка маса со Бугарија за да се надмине билатералниот спор и да се отвори патот кон ЕУ. Да разговараме за сите отворени прашања, се разбира, со оние огради или т.н. црвени линии кои сме ги истакнувале и за кои не очекуваме воопшто дека ќе бидат на преговарачка маса повторно, порача претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски од Брисел, каде во текот на вчерашниот ден имаше средби со претседателот на Европскиот Парламент, Давид Сасоли, со потпретседателот на Европската Комисија и висок претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, Жозеп Борел, со комесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји, со специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и за други регионални прашања на Западен Балкан, Мирослав Лајчак, како и со европратеникот и известител за Република Северна Македонија, Илхан Кјучук. Кон овој импозантен список, треба да се додаде и името на Јенс Столтенберг.
Вака стилизирана и претставена посетата на македонскиот претседателе Стево Пендаровски на Брисел изгледа како конструктивен допринос кон процесот на приклучување на државата кон европскот семејство, но во суштина отвора и некои стари, многу стари проблеми, видени и наталожени уште од времето кога процесот беше попречуван од соседна Грција. Споменувањето на “огради и т.н. Црвени линии“ означува дека Македонија нема намера да пристапи со целосна сериозност и одговорност кон преговорите со Бугарија. Еднаш изречената вмровска синтагма дека “не ние имаме проблем со Грција, туку Грција има проблем со нас“, сега председателот Пендаровски повторно ја актуелизира под формата дека “ние немаме, туку Бугарија има проблем со нашата историја“ или нешто слично, нешто кое говори за непромененоста на македонската реторика.
Интересно е како еден почитуван, способен и секогаш реален универзитетски професор, поранешен аналитичар на ДБК и секогаш разумен и пријатен соговорник, во моментот кога се најде во врвовите на власта, ја губи реалната потка на која се засновала целата негова политичка и општествена кариера и лекоумно навлегува во водите на политичката фантасморгична иреалност. Барем на нашиов претседател никој не треба да му кажува дека ниедна држава нема никаков проблем со нас и нашата беззначајност, туку ние сме тие кои имаме редица проблеми со сите соседни држави, а бога ми и со некои подалечни.
Политички кратковидо и нецелисходно на долги патеки е во овој момент да се оди во Брисел, да се изрази некаква подготвеност за натамошни преговори, а притоа вината за неодржувањето на владиниот самит со Европската унија да се префрлува на Бугарија, која “ете, во овој момент нема услови да разговара и преговара, бидејќи е држава во која не е конституирана влада, има длабока политичка криза и се очекуваат нови избори за два-три месеци“.
На самиот Пендаровски и на сите негови соговорници им е јасно дека ова е позиција на фантастична реалност, толку многу посакувана кај лидерите на помалите земји. Во Бугарија, државата која во овој момент нема влада, ништо не се променило. Сеуште постои заедничката историска комисија или како веќе се вика, седниците на таа комисија се неплодни и безрезултатни, а односите меѓу двете земји се на историски најниско ниво до сега. Тоа не може да се надмине со давање изјави низ европските институции кои служат само и единствено за домашна употреба, или на величање на сопствениот лик пред домашните гласачи.
Тоа на председателот Пендаровски не му е нужно, тој го има потребниот рејтинг. Неговата функција треба на мекедонците да им даде реални опции за натамошното опстојување и развитокот на нацијата и државата. Фантазиите доведуваат до фантастична реалност, а најневиниот резултат од тоа е проектот “Скопје 2014 година“. Вистинските последици, невидливи за нас обичните луге, се многу подлабоки и би рекол по трагични.
Еден наш аналитичар луцидно препорача дека треба да чекаме додека бугарската држава пропадне, или умре некој од актуелните бугарски политичари, па во тој момент да ги актуелизираме преговорите, со надеж дека ќе победиме. За жал, таа опција не е возможна. Бугарија се формирала како држава и нација низ три царства и две републички управи. Низ сите тие 1340 години на своето опстојување, низ победи, порази и ропства, бугарската политика, дали била царска или републиканска, дали била “фашистичка“ или “демократска“, секогаш задржала конзистентен став за своите релации кон Македонија.
Нашиот Стево Пендаровски тоа добро го знае, но не е на одмет да му се напомене уште еден пат…за да не се изгуби низ советите на оние кои од него знаат помалку, а по природата на работите и функцијата, треба да го советуваат. На реалната ситуација ние треба да се прилагодиме, а од бугарските недоследности, да ја извлечеме најголемата полза. Сѐ друго е фантазија и фантастична реалност, залудо загубено време и просперитет фрлен низ вардарските води. Загубата ќе биде само наша!