Еден од најдобрите фудбалери на сите времиња, Лионел Меси, наскоро официјално ќе добие понуда од Барселона за продолжување на договорот.
Договорот на феноменалниот Аргентинец со Барселона истекува на крајот на оваа сезона, а како што се приближува трнсфер периодот, се повеќе се шпекулира за името на неговиот нов клуб.
Меси се поврзува со многу клубови, тој наводно веќе донел одлука да ја напушти Барселона, но челниците на овој клуб ќе се обидат да го задржат во своите редови.
Некои шпански медиуми пишуваат дека претседателот на клубот, Лапорта, откако добил детални информации за финансиската состојба, му подготвил понуда на Меси за обновување на договорот.
Тие се свесни во Барселона дека не можат да одговараат на финансиските понуди на некои клубови кои се поврзани со Меси (ПСЖ, Манчестер Сити), но веруваат дека Лапорта ќе го убеди да ја прифати нивната понуда.
Наводно, Меси, доколку ја прифати понудата на Лапорта, би заработувал помалку од денес, но неговиот приход би растел кога Барселона ќе ја надмине финансиската криза во која се наоѓа. Исто така, доколку Меси ја прифати понудата, тој би имал загарантирано место во клубот, односно по повлекувањето би бил амбасадор на Барселона.
Покрај тоа, Лапорта ќе се обиде да го убеди Меси да остане и да го купи Ерлинг Халанд од Борусија Дортмунд, што според лидерот на Барса би било гаранција за борба за трофејот во Лигата на шампионите.
Сериозен спортски проект е една од најважните работи на кои Меси ќе инсистира кога разговара со кој било клуб.
Меси оваа сезона одигра 28 натпревари во Примера и постигна 23 гола на кои додаде осум асистенции и е движечката сила на Барселона која се уште има шанса за титулата.
По 30 одиграни кола, Барселона е на 3-то место на табелата со 65 бода. Водечкиот Атлетико Мадрид има два повеќе, додека Реал има еден бод повеќе и до крајот ќе се води голема борба за титулата.