На оваа нашинка во Париз најголем предизвик ѝ се тестата. Од македонската кујна фаворит ѝ се месените пити, зелници, кифлички, а од  француската – лиснатите теста и различните варијанти како да се искористат.

Голем дел од Французите сакаат да купуваат производи директно од фарма, тоа е тренд. На фарма сè е посвежо, сè е повкусно. Инаку, како народ, Французите се познати по класика. Сакаат сè што им е проверено, па многу не експериментираат.

Елена Андоновска Каракашов е Македонка која живее во Франција. Се преселила брзо и случајно, со цел да го поддржи нејзиното тогашно момче, а сега веќе сопруг. Откако се адаптирала на средината и јазикот, по една година од престојот во убавото гратче на североисток, Епинал, почнала да работи во  средно стручно училиште како воспитувачка. Искуството траело две години, сè додека неодамна се преселиле во околината на градот музеј, градот на светлината, Париз, каде што е „вработена“ како мајка на Емма. Елена е ангажирана и на својот блог „По мој вкус“, каде што може да уживате во нејзините специјалитети, ем убави за око, ем мерак за душичката и непцето. Вели дека гледа убавина во сè и дека „и еден распукан филџан за кафе, па дури и дамка на чаршавот, може да биде убава ако одлучите така да ја гледате“. Инаку, Елена има и страст кон фотографирањето и за секоја фотографија може да напише по цела приказна. „Франција како земја е многу инспиративна што во секое ќоше може да се најде добар агол за фотографија, само ако се има чувство за тоа“, вели Елена.

Која според тебе е разликата меѓу македонската и француската кујна и што најмногу ти се допаѓа од едната и од другата кујна?

– Има многу разлики помеѓу двете кујни. Во принцип можеби ги користиме истите намирници и во македонската и во француската кујна, но на многу поразлични начини. Јас сум голем гурман и мене сè ми се допаѓа. Сепак тоа што ми е најголем предизвик се тестата. Од македонската кујна фаворит ми се месените пити, зелници, кифлички…, а од француската кујна нивните лиснати теста и милион варијанти како да се искористат.

Како се создаваат големи задоволства во малата кујна, колку зачините играат улога во дефинирање на вкусот?

– Тоа што имав можност да ја запознаам француската кујна одблизу ми дозволи многу да експериментирам со јадењата. Сега моите рецепти се една мешавина од двете кујни, или микс на вкусови кои создаваат големи задоволства во малата кујна. Кој пробал од рецептите што ги споделувам, сигурна сум дека ќе се согласи со тоа. Што се однесува до зачините, според мене играат огромна улога во вкусот. Јас имам две големи фиоки со зачини, и секој си има посебно место во јадењето.

Од македонската кујна фаворит ми се месените пити, зелници, кифлички…, а од француската кујна нивните лиснати теста и милион варијанти како да се искористат.

 

Колку здравата храна е популарна во Франција и кои се актуелните трендови?

– Се придава големо значење на здравата храна. Реоните со био и органски производи во поголемите маркети заземаат скоро исто толку место колку и другите производи. Секако дека има и продавници во кои може да се најде исклучиво здрава храна. Голем дел од Французите, барем тие што можат да си дозволат, сакаат да купуваат производи директно од фарма. Тоа е секогаш тренд овде. На фарма сè е посвежо, сè е повкусно отколку во маркет. Инаку, како народ, Французите се познати по класика. Сакаат сè што им е проверено, па многу не експериментираат. Иако новиве генерации мислам дека почнуваат да го менуваат тој начин и излегуваат од комфортната зона.

Што секој турист мора да дегустира во Франција?

Секако први на листата се францускиот кроасан, багет и еклер. Тоа е нешто што мора да се проба по првото пристигнување во Франција во која и да е француска пекарница или слаткарница. Притоа, да се има предвид на неа да пишува „артисанале („artisanale“). Тоа значи дека во таа пекарница не се продава индустриска храна, туку може да се дегустираат специјалитети подготвени по традиционални рецепти, од вистински занаетчии од областа. Досега речиси и да не сум нашла пекарница во која кроасанот нема ист вкус. Тој е, еден е! Покрај златната тројка што ја спомнав, секој регион има свој специјалитет. Затоа моја препорака е, пред да се дојде во Франција, да се истражи малку за регионот во кој доаѓате. Така ќе знаете што е во тој регион специјалитет, и секако тоа ќе биде најубаво нешто што ќе го пробате таму.

 Би нè почестила ли со два рецепта?

– Задоволството е мое! Би сакала да споделам еден сладок велигденски рецепт за лажички полнети со чоколадни јајца и еден рецепт за подготовка на француски багет. Се надевам дека преку неговиот вкус ќе успеам да ве прошетам низ  Франција.

Најслатките велигденски лажички

Велигденски чоколадни „јајца на око“ во лажиче. Вкусни за јадење, а совршени  за да бидат дел од вашата велигденскта приказна во домот. Време за подготвување 20 минути.

Сè што ви е потребно: 100 гр црно чоколадо, 50 грама бело чоколадо, малку масло, m&m бонбончиња, големи лажици, мали лажички.

Растопете го црното чоколадо со малку масло (по потреба). Земете помало лажиче и префрлајте од растопеното чоколадо во поголема лажица. Внимавајте чоколадото да не е премногу течно. Ако тоа е случај, почекајте малку да се олади. Редете ги лажиците со чоколадо на хартија за печење, при што под дршката на лажицата ставете нешто за потпора, на пример, дрвена лажица.

Ставете во ладилник да „стегне“ чоколадото, 5-10 минути, но не сосема. За тоа време растопете го белото чоколадо, па додадете со мало лажиче централно врз црното. Во средина на белото чоколадо ставете бомбонче m&m и вратете во ладилник.

Со останатото бело чоколадо направете помали „лижавчиња“. Ставете од растопеното чоколадо во мали лажички и украсете со мрвици или црно чоколадо.

Може да ви послужат како одлична декорација доколку ги ставите во стаклена тегличка на маса, а дечињата ќе ви кажат дека никогаш не пробале послатко лижавче.

Француски багет без месење

Нема месење, нема мачење. Овие багети многу едноставно се подготвуваат, нека не ве лаже првиот впечаток. Кога еднаш ќе го направите, ќе ви стане рутина. Може да го киснете тестото преку ноќ, а може и само 2 часа. Во зависност од тоа колку време имате.

Во Франција ваквите багети со сланина и кашкавал, дури и во уште потенка форма, се користат за аперитив или мезе. Секако дека може да биде и без сланина, може да биде без ништо или со сè! Кромид, маслинки, сирење… што и да ви падне на памет.

Потребно ви е: 400 гр бело брашно, 100 гр интегрално брашно, (за оригинален вкус, користете само 500 гр бело брашно), 7 гр сув квасец, околу 380-400 мл млака вода, 8 гр сол, 1 мало лажиче мед (може и не мора), димена сланина и семки за одозгора.

Брашната измешајте ги со сувиот квасец. Во млаката вода растворете една лажичка засладувач и истурете во истиот сад со брашната. Додадете сол и убаво мешајте со дрвена лажица. Минимум 5 минути, додека сè убаво не се соедини. Тестото е лепливо и влажно и не се меси со рака. Покријте со провидна фолија и чекајте да надојде околу 2 часа. Направете преклопување со влажни раце – намокрете ги малку рацете, фатете го тестото од еден крај и преклопете. Потоа од друга страна, па од трета, па од четврта. После половина час може да преклопите уште еднаш, или двапати, но доволно е за почеток само едно преклопување.

Оставете повторно да надојде убаво, околу 1 час.

Спремете сад за печење обложен со хартија за печење. Доколку имате калапче за багет – супер, доколку не, може да направите импровизиран со алуминиумска фолија.

Поделете го тестото на 2 дела, истурете ги еден по еден на набрашнета површина. Лежерно со рацете оформете долгнавеста векна и префрлете во садот за печење. Дури доколку не умеете да направите векна, можете директно да ги истурате двете делчиња тесто, во должина на плехот во кој ќе печете, без ништо да оформувате. Наросете со семки и брашно, направете мали засеци со остар нож или ножици, и доколку сакате додадете чадена сланина, и малку рендан кашкавал (но, може и без тоа). Ставете на печење во претходно загреана рерна на 240°С, околу половина час. На дното во рерната ставете сад со вода. Тоа ќе ѝ даде крцкавост на кората, а мекост на внатрешноста. Оставете го на решетка да се олади пред да сечете, за лепчето да си го доврши процесот на печење.

Bon appétit!

За крај, едно актуелно пашање – колку Французите се расположени за вакцинирање, кои вакцини се најпопуларни, накусо, каква е ситуацијата со коронакризата?

– И овде има поделени мислeња. Не би можела да генерализирам. Секогаш има некои кои прифаќат, други кои одбиваат да се вакцинираат, и трети кои немаат избор, но мораат. Актуелните вакцини со кои располагаат се „АстраЗенека“, „Фајзер“ и „Модерна“. Ситуацијата е лоша, како и секаде, би рекла. Болниците се полнат, бројот на заболени последниов период е зголемен, па оттаму и новите мерки што ги донесе претседателот на државата, Макрон. Моментално можеме да се движиме во радиус од 10 км од домот, секако со маски, а полицискиот час започнува од 19 до 6 часот. Основните, средните училишта и градинките се затворени, како и рестораните, продавниците, услужните дејности. Работат само маркетите и помалите продавници во кои се продаваат производи неопходни за живот, односно прехранбени производи.