Хелдата е многу корисна дури и се смета за замена за месо бидејќи е многу богата со железо. Тоа е причина плус што македонските домаќинки сè почесто ја вклучуваат во исхраната. Таа (заедно со киноата и амарантот) спаѓа во групата псевдожитарки, односно скриено-семени тревести култури или троскоти. Од нив се користи само семето и тоа слично како житарките, се меле во брашно или се јаде цело.
Богатство од минерали и витамини
Зрната од хелда освен со железо богати се со цинк, јод, содржи многу витамини, но малку масти – само 3 отсто. Хелдата не содржи глутен што ја прави задолжителен производ за луѓето кои се на безглутенска диета. Нејзиниот низок процент на јаглехидрати ја прави непроценлива за дијабетичарите. Богата е со протеини кои организмот во голем процент ги користи без проблем, што се објаснува со високата концентрација на сите есенцијални амино-киселини. Исто така, таа е одличен извор на манган, магнезиум, бакар, фосфор и селен. Значителен процент од препорачаните дневни дози од овие минерали можете да внесете токму со помош на хелдата. Таа е одличен извор на витамини пред сè Б комплекс, особено витамин Б6, ниацин и рибофлавин. Сето ова, како и високиот процент растителни влакна ја прави совршен производ за диети, односно го намалува апетитот и ја подобрува општата состојба на дигестивниот систем. Уште еден плус е што содржи многу антиоксиданси, а тоа поволно влијае на зајакнување на имуниот систем.
За кои јадења може да се користи
Хелдата може да се користи во солени и слатки јадења. Најчесто нејзината примена е во солена или слатка каша. Можете да приготвите ќофтиња од хелда, во варен облик можете да ја ставите во разни видови салати и супи. Направете вкусен појадок од мусли од хелда.
Сварете ја во однос 1:3 – еден дел хелда и три дела вода. Се вари побрзо од ориз, а готова е кога зрната ќе напукнат и омекнат. Потребни и се околу 4-5 минути да се свари. Процедете ја, измијте ја со ладна вода за да го отстраните нејзиниот карактеристичен горчлив вкус.
Ако сакате да подготвите ужина или салата, полејте ја со врела вода, поклопете ја и завиткајте ја во пешкир. Тоа направете го од вечер. Наутро отворете го садот и таа е готова за јадење.
За супа најдобро е да додадете хелда пред самиот крај на варењето, за да не се превари. Можете да ја додадете во манџи, сарма, во овошна пита или да ја измешате со сладок крем. Направете си брашно од хелда кое се користи за леб и колачи. Лесно е, треба само да сомелете хелда во мелница за кафе.
Ако сакате да го почувствувате нејзиното благотворно дејство за вашето здравје, консумирајте ја најмалку два пати неделно. При купување барајте светло-кафеава хелда, бидејќи таа поминала низ помалку техничка обработка.