Власта не го прифаќа условот на албанската опозиција во рамките на уставните измени при преговорите со ЕУ да се отстрани од Уставот именувањето на албанската заедница и јазик со фразата „20%“. Од ДУИ велат дека албанската опозиција нема политичка моќ да го заврши овој процес.
„На граѓаните им се потребни субјекти што можат да ги водат и спроведуваат овие политики, а не субјекти кои земаат залаци кои не можат да ги голтнат и не можат да реализираат, како што се случи со законот за државјанство и како што се случува со иницијативата за блокирање.“
СДСМ очекува прво да почне преговарачкиот процес, да се отвори Уставот и потоа ќе се разговара за дополнителни измени.
Во ВМРО-ДПМНЕ не разговарале за ова прашање, иако лидерот на оваа партија неодамна изјави дека го поддржува отстранувањето на називот „20%“ од Уставот.
Барањето на албанската опозиција доаѓа неколку дена откако премиерот Зоран Заев изјави дека за време на преговорите со ЕУ треба да се отвори Уставот и сите останати етнички заедници во земјава да бидат вклучени во Преамбулата и другите одредби. Во сегашниот Устав, дефиницијата од „20%“ се однесува на службената употреба на јазикот и соодветната застапеност во јавните институции.