Ако веќе сте пробале амарант или уште попознат како штир и не ве воодушевил неговиот вкус, потребно е да знаете дека тој содржи многу корисни и хранливи состојки, поради кои и покрај специфичниот вкус заслужува да се најде на вашата трпеза.

Штирот е древна зрнеста култура, која тесно е поврзана со традицијата и начинот на исхрана на ацтеките. Тоа е едногодишна билка, позната и под името амарант, која кај нас е честа и расте во вид на коров. Достигнува висина и до два метра, има листови во изразито црвена боја, која може да варира од темноцрвена до пурпурно-црвена, розова, портокалова и бела. Семките се малку покрупни од зрната сусам, а можат да бидат бели или портокалови. Се смета дека Америка е земја на потекло на штирот. Има голем број сорти и видови штир, кои во различни земји имаат различни начини на примена. 

Не содржи глутен

Штирот во Јужна и во Централна Америка се одгледувал од локалното население и често бил дел од религиски обреди. По откривањето на Америка, тој повеќе не се одгледувал, бидејќи доселениците не ги одобрувале обредите во кои бил вклучен. Наместо него, гравот и пченицата станале основи култури. Дури неколку векови подоцна, поточно во текот на 20 век, повторно почнува да се одгледува. Денес е широко распространет во Азија, Африка, Северна и Јужна Америка.

Штирот содржи голем број незаменливи аминокиселини, а количината на лизин е трипати поголема отколку кај другите зрнести култури. Тој е богат со фосфор, железо, магнезиум, калциум и витамин Е. Содржи многу влакна и не содржи глутен. Исто така, содржи витамини од Б групата и фолна киселина. На 100 грама штир има 375 калории, 66 грама јаглехидрати, 9,3 грама влакна, 6,5 грама масти и 14 грама белковини.

Денес може да се купи во специјализирани продавници и во продавници за здрава храна, најчесто во пакувања од 500 грама, треба да го чувате на ладно и суво место.

Како се приготвува

Искусните готвачи тврдат дека термичката обработка многу може да го подобри вкусот на малите зрна, но и да го зголеми приемот на хранливи материи. Времето потребно за готвење штир е околу 25 минути. Не го варете на многу висока температура, бидејќи може да има контраефект. Ако, пак, не сакате да го варите, ставете го во вода да отстои 10-12 часа. По желба, ако сакате да му го подобрите вкусот, додајте мед, јаткасти плодови или сушено овошје. Пуканки од штир се препорачуваат во исхраната на децата. Тој може да се употреби и како гарнир во разни јадења.

Може да се подготви како ориз или да се комбинира со киноа и кафеав ориз. Една рака штир е добар додаток во чорбите. Истото важи и за јадења со леќа, грав и друг зеленчук. Штирот може да се користи и сомелен како брашно.

Консумирањето штир во комбинација со пченка, кафеав ориз или пченица може да ви обезбеди добар внес на спектар од протеини, а една од тие комбинации има иста хранлива вредност како пилешко, црвено месо или риба.

Добар е за слатки и за пијалаци

Во секоја земја штирот различно се употребува. На Еквадор се варат цветовите од билката, а добиената вода се додава во рум, кој таму се произведува. Од тоа се добива пијалак што се користи за прочистување на крвта. Во Мексико од штирот се прават пуканки, кои се комбинираат со шеќерен сируп. Од мелено и печено семе на штир се прави локален пијалак атоле. Во Перу исто така се прави пијалак од штир, кој е познат како „хиха“, а листовите се користат за готвење. Во Индија од оваа билка се приготвуваат слатки.

Штирот е добар за луѓето алергични на глутен. Добар е за луѓе што имаат проблеми со црниот дроб бидејќи е богат со аминокиселини. Вегетаријанците го користат често бидејќи содржи добар процент протеини. Штирот се препорачува за трудници и лица што активно се занимаваат со спорт или се изложени на физички напор. Го подобрува метаболизмот, корисен е за сите што водат сметка за балансирана и здрава исхрана. Кога ќе прецвета, се користи за лекување, бидејќи има диуретско и стимулативно дејство.