Деновите, месеците и годините поминуваат, а малкумина од нас размислуваат за тоа од каде потекнува денешниот систем на сметање на времето. Всушност, модерниот календар е стар неколку илјади години и датира уште од времето на Римската империја. Дури и по нејзиниот распад, римскиот календар продолжил да се употребува на териториите на поранешното царство низ целиот среден век. Иако некои детали се изменети, денешниот систем на сметање на времето е верзија на овој антички календар, односно ова наследство од Римјаните го одредило начинот на кој денес зборуваме за времето. Во продолжение прочитајте како месеците ги добиле нивните имиња.
Јануари
Јануари, првиот месец во римскиот календар, го добил името по богот Јанус. Тој е значаен римски бог, познат како бог на почетоците, и обично е претставен со две глави, едната свртена кон напред, а другата гледа кон назад.
Јанус бил и бог на вратите, портите и премините, па затоа е избран да го претставува преминот од една во друга година.
Првиот ден од јануари бил почеток на новата година, кога се славел празникот на Јанус со размена на слатки подароци како урми, смокви или мед, а на олтарите биле палени торти како жртви за боговите.
Февруари
Името на месецот февруари потекнува од „фебруа“, фестивал за прочистување кој се одржувал со цел да се истераат злите духови од градот Рим. На петнаесеттиот ден во месецот низ целиот град се вршеле обреди на кои се принесувале жртви или се изведувале ритуални паради.
За фестивалот кој е познат и како Луперкалија, римскиот автор Плутарх има напишано дека многу млади луѓе на овој ден голи трчаат низ градот, поздравувајќи се со жените и децата кои стоеле на улиците. Се верувало дека тоа штити од зли духови, па дури и дека им помагало на жените да останат бремени.
Март
Месецот март е наречен по Марс, римскиот бог на војната. Овој месец го одбележувал почетокот на подготовките на римската војска за претстојната сезона на воени походи, поради што во овој период се одржувале фестивали и ритуали кои требало да обезбедат воени успеси.
На почетокот месецот март бил прв месец од римскиот календар, кој тогаш имал десет месеци, но за да се избегне мешање на датумите биле додадени уште два месеци и почетокот на годината бил поместен во јануари.
Јулијанскиот календар, кој произлегол од реформите на Јулие Цезар во првиот век пред новата ера, е верзија на римскиот календар од кој потекнува современото сметање на времето.
Април
Април го добил името од априлис, четвртиот месец од римскиот календар. Постојат неколку теории за потеклото на ова име. Една од најпопуларните го поврзува априлис со латинскиот збор „aperire“, што значи „да отвори“. Април е месец кога цвеќињата почнуваат да цветаат и пролетта е во полн ек, па оттука потекнува и името на месецот.
Според друго верување април е наречен по Афродита, грчката божица на љубовта и убавината. Венера, римскиот еквивалент на Афродита, традиционално се славела во април, па многумина веруваат дека април е кратенка од грчкото име Афродита.
Мај
Мај, месецот во кој земјата ги раѓа првите плодови, го носи името на грчката божица на земјата, Маја. Таа била божица на природата и изобилството и затоа е избрана да го претставува овој топол и буен период.
Римскиот поет Овидиј пак тврдел дека името на месецот мај потекнува од зборот „maiores“, односно „постари, повозрасни“ и има спротивно значење од зборот „iuniores“ или „млади“, кој е земен како основа за името на месецот јуни.
Иако и оваа теорија е прифатлива, не постојат многу докази дека месеците мај и јуни ги добиле имињата на овој начин.
Јуни
Јуни е месец кога почнува летото и се поврзува со едно од најважните божества на римскиот пантеон. Јуно, жената на Јупитер, е позната и како божица на бракот и во римската култура крајот на месецот јуни се сметал за особено погоден период за свадби, додека венчавките пред 15 јуни имале лоши предвидувања и биле избегнувани.
Јули
Јули е првиот месец во римскиот календар именуван според историска личност. Јулие Цезар, водач на Римјаните и освојувач на Галија, оставил огромен белег во римското општество. Овој месец прво се викал квинтилис, т.е. петтиот месец од традиционалниот римски календар, но по убиството на Цезар во 44 година п.н.е. е преименуван во негова чест бидејќи во овој период бил и неговиот роденден.
Август
Наследникот на Јулие Цезар, Октавијан, не можел да се помири со тоа да има помали достигнувања од неговиот очув, па следниот месец го носи неговото име. Октавијан се стремел да стане прв император на Рим и поради тоа си го сменил името во Августус, што во превод значи посветен или почитуван. Оттаму август го носи името на големиот римски водач, како дел од неговата стратегија за самопромоција. Со неговото запишување во римскиот календар Августус се осигурал дека никогаш нема да биде заборавен. Иако многу други римски водачи се обидувале да се запишат во римскиот календар, ниту еден не успеал, така што Јулие Цезар и Августус се единствените со човечко потекло кои останале забележани меѓу имињата на месеците.
Септември – Декември
Останатите месеци од римскиот календар немаат толку интересна етимологија. Тие биле именувани нумерички, според првиот десетмесечен систем на сметање кој се користел пред јулијанските реформи.