Рускиот претседател Владимир Путин денес изјави дека Русија мора да биде силна и обединета за да одговори на предизвиците на времето, поради настаните со кои се соочува светската заедница, како што се шоковите во трговијата и инвестициите.
„Настаните со кои се соочува светската заедница во последните години покажуваат дека шоковите во трговијата, инвестициите и меѓународните односи воопшто се случуваат сè почесто. Тие стануваат нова реалност, по транзицијата на целата светска економија во нова состојба. За да се соочи со предизвиците на времето, Русија мора да биде – што? Силна! Постојано дискутираме за ова“, рече Путин на конгресот на Рускиот сојуз на индустријалци и претприемачи, пренесува Спутник.
Путин истакна дека важноста на суверенитетот станала јасна, бидејќи земјите што се откажале од него не се во можност целосно да ги заштитат своите национални интереси и дека Русија мора да го зајакне сопствениот суверенитет, бидејќи неговата важност сега е несомнена.
„Мислам дека сега никој не се сомнева што значи суверенитетот во современиот свет, колку вреди и какви последици произлегуваат за оние земји кои доброволно се откажаа од него, верувајќи дека ќе биде помирен, поевтин за живеење и ќе создаде подобри услови за економски и социјален развој. Не, светот функционира поинаку. Без суверенитет, невозможно е да се заштитат сопствените фундаментални интереси“, нагласи Путин, пренесува Танјуг.
Тој истакна дека Русија, и покрај тешкотиите и вештачките ограничувања што ѝ се наметнати, успеала да ја одржи макроекономската стабилност и да постигне одржлива и предвидлива динамика на инфлација и невработеност. Според него, санкциите наметнати врз Русија се нелегални, бидејќи не биле потврдени од Обединетите нации.
Путин додаде дека, со оглед на притисокот од санкциите и нестабилноста врз глобалните пазари, што е отежнато од последиците од конфликтот на Блискиот Исток, особено е важно да се зајакне соработката меѓу државата и бизнисот.
Рускиот претседател повика на претпазливост кога станува збор за состојбата на светскиот пазар, наведувајќи дека ако пазарите денес се движеа во една насока, утре би можеле да се движат во друга.
Путин, исто така, ги предупреди руските компании дека не треба да ги „котираат“ приходите од зголемувањето на цените на нафтата.
Текстот Путин: Русија мора да биде силна, шоковите во светската трговија се нова реалност е превземен од МАКФАКС.























