Рускиот претседател Владимир Путин денес разговараше со четири клучни лидери на земјите од Персискиот Залив, предупредувајќи на опасноста американските и израелските напади врз Иран да ескалираат во поширок регионален конфликт, објави CNN.
По разговорите со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, Кремљ објави дека „двете страни изразија сериозна загриженост за реалниот ризик од проширување на зоната на конфликт, која веќе ги зафати териториите на голем број арапски земји и носи катастрофални последици“.
„Ова е исклучително опасно“
Путин ја нагласи потребата од дипломатија за решавање на „екстремно опасна ситуација“, додека, според Кремљ, саудискиот престолонаследник рече дека Москва, благодарение на добрите односи и со Иран и со земјите од Заливот, може да игра стабилизирачка улога.
Русија постојано ги осудува американските и израелските напади и атентатот врз врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи.
Путин разговараше и со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, Мохамед бин Зајед Ал Нахјан. „Двете страни ја нагласија потребата од прекин на непријателствата и враќање на политичкиот и дипломатскиот процес“, објави Кремљ.
Загриженост за вклучување на трети земји
Кремљ, исто така, соопшти дека Путин и катарскиот емир Тамим бин Хамад Ал Тани „изразиле загриженост за ризикот од ширење на конфликтот на Блискиот Исток и опасноста од вклучување на трети земји“ во телефонски разговор.
Рускиот претседател, според Кремљ, разговарал и со кралот на Бахреин.
Фото: ЕПА
Текстот Путин за војната во Иран: загриженост за ризик од ширење на конфликтот е превземен од МАКФАКС.























