Никица Корубин

Ништо повеќе не може да ја извади вистината на виделина, како драматични настани кои не оставаат простор за “одигрувањето на улогата”. Улогата на либерален, прогресивен и слободен ум. Т.н “либералност”. Либералност по разни прашања од животот, освен “правото на слободен избор”, кој се зема “здраво за готово” како иманентна наследна категорија, а не инстанца која може да постои само во демократско уредување, односно “систем на правила, базирани на вредности”. Слободни, демократски вредности.

И таа комоција на “филозофирање од фотеља” за смислата на животот, мирот во светот и “ние сме против војна” комформистичка мантра; заборавајќи дека е возможна само од позиција на граѓанин во демократска држава – е етички еднакво “убиствена” во градење и одржување на личниот став и колективниот наратив, за самата демократија, како и било кој авторитарен и тоталитарен режим. Кои патем речено се помала “мета” за критика отколку самиот отпор кон нив. Кој разбирливо е драматично брутален за “нежните умови” на “либералните, анти-воени пацифисти”.

Речиси фасцинантна е толеранцијата за сите видови авторитарни режими, деновиве, од страна на разни левичарски, центар и зелени политички и социјални кругови, и кај нас и во Европа и САД пред се’; замаскирани и скриени во познатите флоскули за “меѓународниот правен поредок”, “нарушување на правилата”, па се’ до класичен анти-семитизам, нормално “спакуван” во грижа за Палестинците и Газа. Порозноста на демократијата и нејзините правила, наспроти авторитарните тоталитарни режими без правила; се чини е последната “брана” за фактичко глумење либералност, наместо практикување на “позиција базирана на вредности и нормалност”. Намерно заборавајќи, дека патот до демократијата дошол преку војна, а не преку мир. И секогаш, и во минатото и сега, бил бранет преку војна.

Но, зошто лево-центар-зелените кругови, толку ги толерираат “авторитарните манири”? До ниво на апсурд каде, на пример во Обединетото Кралство, викендов имавме ситуација на “зелена партија” која дава отворена поддршка на режимот во Иран, или псевдо-комунистичкиот градоначалник на Њујорк, се спротиставува на американската интервенција во Иран. Бидејќи нели авторитарните режими во светот може да прават што сакаат во истиот меѓународен правен поредок, кој “жестоко” се брани, и важи очигледно само за демократските системи.

Кај нас ситуација е многу појасна. Веќе е очигледно и јасно, дека речиси се’ што политички и социјално се декларира(ло) за “либерално поведение” е всушност комунистичко, пара-комунистичко и псевдо-комунистичко наследство на тоталитарниот режим во поранешна СФРЈ. Сите оние, кои секогаш биле од “другата” страна на општеството, заштитени и привилегирани на “овој или оној начин”; никако не може да знаат како е да се “биде под режим”, а уште помалку да имаат (со)чувство за таа ситуација. “Тешејќи” се со познатата мантра дека СФРЈ имал “хумано, социјалистичко” уредување, како форма на морална супериорност, која се’ уште по автоматизам ја проектираат и практикуваат и внатре кон сите нас и надвор кон Бугарија, Грција или Албанија на пример.

И истите тие константно ламентираат за “неправдата кон нас”, го вивисекцираат до детали системот на ЕУ и САД и нивните слабости; и како сите добро скриени “анти ЕУ и антиамерикански” пост-комунисти; “филозофски” го анализираат “правото” на сите тоталитарни, авторитарни и диктаторски режими да прават што сакаат со сопствените држави и граѓани. Но, дали всушност оваа наша “псевдо-либералност”, слично како и нивните истомисленици од “трулиот Запад” единствено што посакуваат е задржување на “статус-кво” ситуацијата? Во кое “злото” постои како “легитимен и легален” репер, за тие самите да бидат “доброто”?

Статус-кво, во која “демократијата” не смее да ја напушти својата “слабост” да “игра по правила”, за случајно да не создаде свет во кој “системот базиран на правила” и “право на избор” ќе биде достапен и за вистинските жртви во вистинските режими? Бидејќи очигледно и жртвата треба да има “дозвола” да биде жртва од пост-комунстичкиот репер, скриен вешто помеѓу вистинските левичари, центар и зелени, кои драматично диспропорционално ја вреднуваат “жртвата на Палестинците” наспроти “жртвата на Иранците”.

И дали токму таа егзистенцијална борба за “статус-квото” го скандализира поведението во овој “бришан простор” на “отворање на сите карти” во регионалната, европската и светската гео-политика; каде едноставните прашања бараат едноставни одговори? Каде што вредностите и моралот, правото на слобода и избор, правото на демократија, е кристално јасно кој може (и како може) да ги обезбеди, спроведе и гарантира. Каде просторот “за криење” е стеснет, и физички и етички. И дали ја живееме кризата на крајот на “скриениот комунизам” во “најлибералните кругови”, регионално и европски, па се’ до САД; како реминисценција на “скриена привилегија” и “етичка супремација”?

Секој крај, носи нов почеток. Ако, ламентацијата за крајот на “меѓународниот правен поредок” е всушност е жалење за “крај за статус-кво периодот” на пост “железната завеса” периодот од почетокот на деведесеттите години; и крајот на СФРЈ кај нас; тогаш ова е всушност имплеметнирање на правилата на “меѓународниот правен поредок”, отворено и брутално, “без ракавици”, ужасно и жестоко; речиси исто како што сите авторитарни режими, со години, со “толеранција на либералноста” владеат со сопствените граѓани. Кои и не можат да се наречат тоа што сите сакаме да бидеме – луѓе со право на избор и со слобода на избор.