Рускиот претседател Владимир Путин денеска изрази длабоко сочувство до иранскиот претседател Масуд Пезешкијан по повод убиството на врховниот лидер Али Хамнеи и членовите на неговото семејство, соопшти Кремљ.
„Ве молам примете го моето најдлабоко сочувство по повод атентатот врз врховниот лидер на Исламската Република Иран, Сејед Али Хамнеи, и членовите на неговото семејство, извршен во цинично кршење на сите норми на човечкиот морал и меѓународното право“, се наведува во соопштението, пренесува агенцијата РИА Новости.
Хамнеи беше убиен во саботата наутро во нападите што ги извршија Израел и Соединетите Американски Држави, потврди утрово иранската влада, а пренесоа иранските државни медиуми.
Во саботата САД и Израел започнаа серија удари врз ирански цели, вклучително и во Техеран, при што беше предизвикана материјална штета и цивилни жртви. Потоа Иран возврати со ракетни напади врз израелска територија и врз американски воени објекти на Блискиот Исток.
Текстот Путин со сочувство до Иран, нападите ги нарече цинично кршење на меѓународното право е превземен од МАКФАКС.






















