Пишува: Азир Алиу, министер за здравство

Понекогаш, најголемите системски слабости не се гледаат во медиумски наслови кои го привлекуваат вниманието на јавноста, туку во малите, секојдневни сцени кои се случуваат далеку од медиумската сцена, а најблиску до животот на пациентите. Во ноќна смена, во амбуланта што работи под притисок, лекарот има пред себе човек со болка, страв и очекување дека државата, претставена преку тој бел мантил, ќе биде прецизна и ќе знае да ја одмери одлуката –  така што ќе го намали ризикот и ќе ја зголеми шансата за добар исход од лекувањето.

А сега замислете дека истиот пациент, со истата клиничка слика, утре би влегол во друга здравствена установа и би добил поинаква терапија, не затоа што медицината е „релативна“, туку затоа што системот не обезбедил јасно дефинирана, заедничка клиничка рамка за одлучување. Тогаш разликата не е прашање на стил или искуство, туку прашање на безбедност за пациентот. Тогаш варијацијата во пристапот на здравствениот систем станува неправда. И токму тука започнува суштината на темата што сакам да ја отворам, а тоа се стручните упатства за практикување медицина базирана на докази, и тоа не како административна формалност, туку како јавна гаранција.

Во оваа насока, целта која сакаме да ја оствариме е воспоставување национален систем на стручни упатства засновани на научни докази, кој ќе биде воден од логиката на подобар квалитет, поголема безбедност и поголема ефикасност на здравствените услуги. Пристапот не е „да измислуваме од нула“, туку да преземаме висококвалитетни меѓународни клинички упатства, да ги адаптираме, ги усвоиме и интегрираме како официјално национални и со тоа да ги внесеме во секојдневната клиничка пракса.

Станува збор за намера за еден т.н. професионален договор дека науката ќе добие место во секојдневното функционирање на здравството, без да ја наруши клиничката проценка. Најдобрите европски модели токму тоа го прават, односно ја чуваат автономијата на лекарот, но ја ограничуваат произволноста на системот. Современите европски здравствени системи се темелат на Evidence-Based Medicine, каде клиничките одлуки се потпираат на систематски научни прегледи, меѓународни препораки и мета-анализи, со цел да се намалат варијациите кои не се медицински оправдани во лекувањето,  а безбедноста на пациентите да се крене на цврст стандард.

Кога зборувам за Европа, не мислам на мит, туку на конкретни практики, кои сметам дека може да бидат корисни дополнително да ја зајакнат отпорноста на нашиот систем кон непотребни осцилации во лекувањето. На пример, во Франција, Haute Autorité de Santé (HAS) развива и објавува методологии и алатки за клинички препораки, со цел да се подобрат квалитетот и безбедноста на грижата и да им се олесни примената на упатствата на здравствените професионалци. Во Германија, AWMF (Association of the Scientific Medical Societies) има прецизен правилник и прирачник за развој и регистрирање на клинички упатства, со инсистирање на транспарентен и репродуцибилен процес и високи научни стандарди. Притоа суштината е дека тој правилник не е мислење на поединец, туку производ на јавно аргументирана позиција на стручната заедница.

На ниво на методологија, во земјите од Европа и пошироко одамна се користат стандарди за тоа што значи „квалитетно упатство“. AGREE II(APPRAISAL OF GUIDELINES FOR RESEARCH & EVALUATION ), на пример, е инструмент што ја оценува ригорозноста на развојот, транспарентноста, применливоста и начинот на управување со конфликт на интереси. Тоа е важна порака и за нас, односно ако сакаме јавноста да верува, мора да покажеме како се стигнува до препораката, а не само која е препораката.

Но доказите не се сретнуваат само во клиничката медицина. Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC) преку PRECEPT разви пристап за оценување и „градирање“ на докази во јавното здравство, затоа што во јавно-здравствените интервенции понекогаш е потешко да се добијат „идеални“ студии, а сепак мора да се одлучува одговорно и транспарентно. Тоа е особено релевантно за малите земји, бидејќи методологијата е најдобрата одбрана од импровизација и во секојдневен превентивен напор на здравствениот систем.

А кога станува збор за терапии и нови технологии, Европската Унија оди уште подалеку во усогласување на клиничките проценки. Регулативата (ЕУ) 2021/2282 за Health Technology Assessment, која се применува од 12 јануари 2025 година, претставува директен сигнал дека континентот сака заедничка рамка за клиничка вредност и споредливост. Не станува збор само за техничка регулатива, туку станува збор и за изразена политичка намера одлуките кои го засегнуваат здравјето на граѓаните да мора да бидат поткрепени, аргументирани и споредливи, бидејќи зад нив стојат животи и јавни пари.

Зошто ова е важно за Македонија токму сега? Затоа што нашите граѓани се уморни од чувство дека исходот понекогаш зависи од тоа дали ќе „погодат“ точна врата. А нашите здравствени работници се уморни од работа во средина каде што правилата се различно толкувани, а јавноста бара гаранции што државата досега не ги поставила како заеднички, формално усвоен стандард.

Намерата за развојно придвижување на здравствениот систем во оваа насока, содржи во себе и политичка димензија на правичност. Од една страна, кога постои национално упатство, пациентот добива еднаква стартна точка, независно од тоа дали е во голем клинички центар или во помала амбуланта. Додека пак од друга страна, лекарите ќе добијат професионална основа која ќе ги штити кога клиничката одлука треба да биде медицинска, а не резултат на притисок, навика или нејасна локална пракса.

Со цел елиминирање на ризикот и ова да не остане уште една нереализирана добра намера, би додал уште нешто што Европа веќе го прави сè поинтензивно, а тоа  поврзување на упатствата со дигитални алатки за клиничка поддршка при одлучување, за тие да бидат „при рака“ токму во моментот кога се носи одлуката. Европската комисија, на пример, има објавено водич за клинички упатства и клинички decision-support алатки во контекст на Европските референтни мрежи (ERN), што покажува каде оди трендот, кој треба да го следиме –  од статичен документ кон практична поддршка во реално време.

Затоа, базичната идеја во развојот на овој национален систем на стручни медицински упатства е да создадеме системска навика во здравството во која најдоброто знаење станува нормално однесување. Да го навикнеме системот редовно да „се ажурира“ со современи медицински докази, да ја навикнеме стручната јавност на транспарентна методологија, а граѓаните на чувство дека има стандарден, предвидлив пат кога здравјето е во прашање.