Никица Корубин

Животот во минатото, и тоа она конструирано како наратив – а, не она случено како реалност – стана прашање на егзистенција за политичката елита кај нас, сфатена во најширок општествен контекст. Па, оттаму и потребата случувањата да се објаснуваат со археолошко/историски речник за да се долови фингираната реалност која им се наметнува на граѓаните, преку градење на реторичко-декларативна перцепција дека ние всушност не живееме во 2026 година, туку во 2022 година и тоа прецизно пред месец јуни, кога се уште сме во фаза на “чекање” без официјална “одлука” односно “преговарачка рамка”. Времето на “францускиот предлог”, времето на “времена, а не трајна ситуација”; по примерот на “времената БЈРМ” наместо “трајната Северна Македонија”.

Како инаку, рационално и логично да се објасни на пример изјавата – инаку само една во четиригодишната низа на неточни формулации за точни настани – на лидерот на СДСМ дека е “сигурен дека ќе помине некое време во кое ќе бидеме среќни што сме го имале францускиот предлог на маса и оти ќе ни биде жал што не сме го прифатиле она што е понудено од ЕУ”. Дали овој “глас од минатото” може прецизно да објасни како тоа “не сме го прифатиле” кога е прифатен и од страна на извршната и од страна на законодавната власт, ама не е спроведен, бидејќи и двете власти 4 години, ја држат државата во заложништво преку одбивање на извршување на сопствените обврски?

И како оваа изјава се реферира на изјавата на амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија Михалис Рокас, само еден ден порано дека :“Ставот на ЕУ за европскиот пат на Македонија е јасен, веќе постои Преговарачка рамка едногласно усвоена од сите земји-членки на ЕУ во 2022 година, и доколку се исполнат обврските во неа, ЕУ е подготвена многу брзо да ги започне преговорите”. Овие две изјави живеат во две паралелни реалности и зборуваат за различен документ, или ние принудно сме натерани (втерани) во непостоечка реалност?

Инаку, ова во археологијата се нарекува terminus ante quem, и се однесува на датирање на настани или артефакти кои се случиле заклучно со одреден датум или пред него, во случајов јуни месец 2022 година. Па, дали всушност нашата “политичка елита” не може (или не сака) да излезе од фазата на “предлог” (францускиот предлог) и да влезе во фазата на “решение” (преговарачката рамка), затоа што “времената состојба” е всушност алиби, а не борба (“многу жртви дадовме”) за достигнување на “апсолутната состојба”? Па, оттаму метафорички “францускиот предлог” е последната “безбедна зона” за “глумење преговори без конечен договор” како ултимативен начин на кои тие ги разбираат европските интеграции.

И дали тука може да се бара стравот од изразот “преговарачка рамка” кој јасно се гледа во (не)свесната манипулација со упорното инсистирање на терминот “француски предлог” како датум terminus ante quem, после кој ништо не се случува во државата, заробена во временската машина, на “политичката елита” и нејзината вмрежена општествена сеприсутност. Единствено терминот кој опишува непостоечка ситуација “ветото од Бугарија” може да парира на “францускиот предлог”. Одбивање да се прифати реалноста, и оневозможување граѓаните да ја живеат реалноста.

Па, кога веќе сме заглавени во 2022 година и времето на “францускиот предлог”, интересно е како никој, од сите кои со таква страст и зачестеност го употребуваат сите овие години; не реагираше инстинктивно на овој “одомаќинет термин”, кога него го спомена и доскорешниот бугарски претседател, речиси во “мемоарски манир” во интервју на бугарска телевизија дека “македонската страна се обидувала да влијае кај Орбан, за да се стави вето на “францускиот предлог“, но не успеала во намерата”.

Оваа крајно индикативна изјава, отвора толку фантастични и фантазмагорични можности за претпоставки, во фикцијата која ни се претставува како реалност; што навистина речиси писателски го оживува чувството дека навистина живееме во минатото. Па, која е таа “македонска страна” што се обидувала да влијае кај Орбан, за да се стави вето на францускиот предлог, кој бил во процес на преговори со истата “македонската страна”?

И која е таа “македонска страна” која влијаела кај Орбан од “официјална или неофицијална позиција”? А, позицијата на Орбан (стратешкиот партнер во само-блокадата после 2022 година) и на Унгарија е поддршка и за “францускиот предлог” и за “преговарачката рамка”. Каква е оваа претпоставена амбивалентност и дволичност, како да е произлезена од некој криминалистички роман.

Што не’ носи директно во реалноста. Ама во реалноста на terminus post quem. Настани кои се случуваат само после датумот. После јуни 2022 година. Кога “францускиот предлог”престанува да постои. Откога постои само “преговарачката рамка”. Со или без вољата на “македонската страна” која треба да го потврди или демантира, да се легитимира и “пофали” или ретерира и “извини”. Ние може да ја негираме реалноста, ама реалноста нема да не’ негира нас.

Заробени во “временската машина” ги живееме последиците на импровизациите на ултимативноста на наративот, кој се наметнува како живот. Прецизноста ќе не’ води, и во изјавите и во намерите. А, особено во постапките кои требаа да се случат пред 4 години и чекаат да случат сега – уставни измени и ЕУ ги започнува преговорите со нас по поглавја, веднаш и без дополнителна политичка одлука. Минатото не може да се смени, а сегашноста не може да се одложи. Што чекаат, ама како рационален одговор, а не фиктивен наратив? Ние знаеме што чекаме.