Абил Бауш

Економската состојба во Република Северна Македонија во изминатиот период сè појасно го покажува лимитот на моделот што со години го практикуваме. И покрај честите најави за стабилизација, раст и инвестиции, економијата и понатаму функционира во рамки на трошковна логика, со ограничен развоен ефект и зголемени макроекономски ризици. Структурата на буџетот останува доминантно насочена кон тековни расходи плати, пензии, субвенции и социјални трансфери кои имаат социјална и политичка улога, но не и суштинска развојна моќ. Фискалниот простор за политики што би генерирале продуктивност и долгорочен раст останува тесен и недоволно искористен.

Иако формално постојат капитални расходи, нивниот реален економски ефект е слаб. Капитални инвестиции кои не ја зголемуваат продуктивноста, не го стимулираат извозот и не создаваат нови индустриски или технолошки капацитети, во суштина се продолжение на трошковната политика. Инфраструктурни проекти без јасна економска поврзаност со индустријата, иновациите, енергетската транзиција и човечкиот капитал не можат да создадат одржлив раст на БДП. Во такви услови, капиталните расходи стануваат фискален товар, наместо мотор на економски развој.

Инфлацијата, која во јавниот дискурс најчесто се објаснува како увезена појава поврзана со глобалните енергетски и геополитички шокови, има и јасна домашна димензија. Растот на платите без соодветен раст на продуктивноста, зголемувањето на пензиите и социјалните трансфери без структурни реформи, како и ограничената понуда на домашниот пазар создаваат дополнителен ценовен притисок. Кога потрошувачката расте побрзо од производството, инфлацијата станува неизбежна, а реалната куповна моќ на граѓаните постепено се намалува. Доколку економската политика и понатаму остане фокусирана на краткорочно стимулирање на побарувачката, без сериозни инвестиции во продуктивни сектори, инфлаторните ризици ќе продолжат и во 2026 година.

Зголемувањето на платите, пензиите и социјалните трансфери често се претставува како економска победа, но во реалноста станува збор за политички популарна, а економски ризична стратегија доколку не е поддржана со раст на продуктивноста. Таквиот пристап ја зголемува побарувачката за увозни производи, го продлабочува трговскиот дефицит и создава дополнителен притисок врз цените. Во исто време, улогата на Народната банка останува ограничена на зачувување на ценовната и финансиската стабилност, со рестриктивна монетарна политика и повисоки каматни стапки. Централната банка не може да ја замени економската стратегија на Владата, ниту да создаде раст без фискална дисциплина и структурни реформи.

Во таков контекст, европскиот пат не е само политички избор, туку економска нужност. Европската Унија претставува платформа за пристап до фондови, структурни програми и единствениот пазар, што е од клучно значење за модернизација на економијата. Алтернативите билатерални заеми со повисока цена и раст на јавниот долг без развоен ефект се скапи и ризични. Јавниот долг веќе почнува да се претвора од инструмент во проблем, особено кога се користи за тековна потрошувачка наместо за проекти што генерираат идни приходи. Северна Македонија не страда од недостиг на стратегии, туку од недостиг на конзистентна и храбра економска политика. Време е економскиот раст да се гради врз продуктивност, знаење и институционална стабилност, а не врз реторика и краткорочни фискални интервенции.