15 ноември 2025 (сабота) | 19:00 часот | КСП Центар – Јадро, Скопје

Овој викенд, Интеркултурен хаб Скопје ja организира мултимедијалната вечер „Години на опасно живеење“ — програма која ги спојува перформансот, филмот, видеото, графичкиот дизајн и електронската музика во едно урбано искуство. Учествуваат шестмина млади авторки и автори кои се дел од најживата и најпрогресивна линија на скопската културна сцена: критички настроени кон стварноста, бескомпромисни во експериментот и отворени кон деконструкција на општествените норми, јавува ИМА.

Крсто Глигорјадис, „Вештини за оживување“ (перформанс)

„Отфрлајќи ја заблудата дека да се биде жив значи само да се чувствуваме добро, ние се поддржуваме себеси и едни со други за да чувствуваме сè, безбедни во нашата грижлива заедница.“ – мултидисциплинарна изведба што го третира телото како место на отпор и исцелување; го преиспитува патријархалниот наратив и ја реафирмира ранливоста како трансформативна сила.

Ана В’чкова, „ТАА“, 5’38’’ (видео)

„Нередот во нас тивко се огледува и надвор од нас, но ретко – речиси никогаш – му дозволуваме да се открие. Делото е дијалог и катарза, патување низ хаосот што го носиме во себе, низ неговото негирање и неговото прифаќање – во постојана потрага по мир во современиот немир. Дали навистина треба да се „прочистиме” од сите „нечистотии”, или можеби токму тие се траги на нашата човечност, делови што општествениот идеал се обидува да ги избрише.“

Батухан Ибрахим, „Мавера“ (краток филм)

„Инспирирани од вистински настани, ликовите се огледало на народот кој секојдневно се соочува со апсурдни административни лавиринти. Последниот чин на Билјана е нејзин личен, но и колективен крик, излевање на гневот кон системот што ја задушува. Црно-белата естетика ја отсликува клаустрофобијата и безнадежноста. Перцепцијата на Билјана е единствената реалност, додека сите други ликови се обезличени, без идентитети и со заматени гласови – така, приказната станува универзална…“

Теано Кардула, „Без насока“ (проекција на постери и графички дизајни)

„Без насока“ е збир на спонтани креации инспирирани од актуелни случувања и лични доживувања. Делата комуницираат општествени промени и потсетуваат на заборавени, но повторно релевантни истории. Различните стилови и визуелни пристапи го отсликуваат процесот на себеистражување и барањето на визуелен јазик кој најдобро ја пренесува пораката на секое дело. Графичкиот дизајн не е само естетика – тој зборува и сведочи за светот околу нас.

Соња Исмаил, Диџеј сет

Енергија што го бранува подиумот и гради заедница. Сет без жанровски корсети што ослободува и движи.

 

 

Диџеј Џоџо-Ѓорги Пулевски, Диџеј сет

Длабок бас и топли мелодии; звучен мост меѓу сцена, улица и заедница. Од хип-хоп до диско и хаус — сет што раскажува урбани приказни.

 

 

Оваа вечер е посветена на независната сцена, феминистичката и ЛГБТИ+ уметноста, како и културите на помалите заедници — сегменти што со години добиваат недоволна институционална поддршка. Поддршката на овие практики е вложување во плурализмот и различноста како носечки столб на современите културни политики. Со програмата „Години на опасно живеење“ им даваме соодветна сцена на млади, но веќе докажани автор(к)и, отворајќи простор за емпатија, критичка мисла и културен активизам во градот.

Овој настан од проектот „Интеркултурен хаб Скопје“ на КСП Центар – Јадро, во партнерство со ЗГ Есперанца Светски културен центар и Институтот за медиуми и аналитика ИМА е поддржан од програмата „Ваха 3: Враќање на јавните простори преку уметноста и културата во солидарност“. Ваха е Иницијатива на Анадолу култур и Зуса, финансирана од Фондацијата Меркатор и Европската културна фондација.

Биографии на уметниците:

Крсто Глигорјадис (р. 1996, Скопје) е мултидисциплинарен визуелен уметник и изведувач чие творештво се движи меѓу ритуалот и бунтот, митот и телото. Неговата практика произлегува од треморот на траумата и волјата за исцелување, истражувајќи ја машкоста како рана но и како можност. Преку перформанс, инсталација и партиципативни средби, Глигорјадис ги предизвикува патријархалните наративи и ја реафирмира ранливоста како трансформативна сила. Дела како Де(конструкција) на машкоста, Панталоните и Здолништето на татко ми ткаат лични и колективни приказни, отворајќи простори за емпатија, размисла и дијалог. Неговиот уметнички јазик ги преплетува движењето, митолошката симболика и емоционалната интензитетност, откривајќи го телото како место на отпор и издржливост. Во 2025 година, Глигорјадис го затвори Биеналето на млади во Белград со перформанс што ги спои ритуалот, митологијата и современиот идентитет. Тој исто така ќе учествува на Биеналето на млади – Македонија 2025–2026, продолжувајќи ја својата истражувачка линија на колективно исцелување и телесно раскажување низ регионални контексти. Добитник е на наградата QUEER MAKEDONIUM 2025 и номиниран за Мировен шампион од RYCO. Глигорјадис ја замислува уметноста како чин на грижа и колективно преосмислување — терен каде што исцелувањето, одговорноста и припадноста постојано се преговараат и обновуваат.

Ана В’чкова (1998) е дипломирана визуелена уметница при Факултетот за ликовни уметности УКИМ во Скопје на отсекот сликарство – модул сценографија. Нејзината уметничка пракса опфаќа спектар медиуми, од сликарство, фотографија и графички дизајн до видео. Излегувајќи надвор од границите на една дисциплина, В’чкова е привлечена од можноста за комбинирање различни техники, текстури и визуелни јазици. Ваквиот хибриден пристап претставува основа на нејзините креативни истражувања, овозможувајќи ѝ да создава суптилни и автентични наративи што одекнуваат кај публиката.Нејзините дела ја истражуваат динамичната врска меѓу медиумот и пораката, со цел да изградат непосредна и трајна поврзаност со гледачот. Преку внимателна интеграција на традиционални визуелни форми и современи дигитални процеси, таа ги преиспитува утврдените уметнички конвенции и начини на гледање. Нејзината пракса е втемелена во уверувањето дека формата и содржината се неразделни, секоја постојано ја обликува и преобликува другата.

Батухан Ибрахим е филмски режисер и сценарист, магистер по филмска и ТВ режија при Факултетот за драмски уметности – УКИМ. Неговото творештво опфаќа кратки играни, експериментални и документарни филмови. Неговиот студентски филм „Twisted“ (2020) е прикажан на повеќе од 20 интернационални фестивали и е добитник на осум награди. Експерименталниот филм „Лима“ беше селектиран на „Short Film Corner“ на Канскиот филмски фестивал. Независниот филм „Мавера“ (2023) доби специјално признание на ИФФК „Браќа Манаки“ и беше дел од неколку реномирани фестивали, вклучувајќи ја и официјалната селекција на филмскиот фестивал во Тирана. Во моментов работи на својот прв долгометражен игран филм, како и на неколку нови краткометражни проекти.

Теано Кардула е графичка дизајнерка и феминистка со повеќегодишно искуство во областа на визуелните комуникации, брендирањето и општествениот дизајн. Таа дипломирала и магистрирала графички дизајн на University of Sunderland. Преку својата работа, Теано го користи дизајнот како медиум за раскажување, критичко размислување и општествен ангажман, создавајќи визуелни наративи кои предизвикуваат размислување и поттикнуваат промена. Нејзиниот фокус е насочен кон темите на родова еднаквост, социјална правда, инклузија и идентитет, со посебен интерес кон локалните контексти и културни приказни. Покрај визуелната уметност, Теано активно придонесува во зачувувањето и промоцијата на влашката и крушевската култура и историја, преку здружението ТИХЕ, кое го основала како платформа за истражување и оживување на културните приказни на заедницата. Нејзината работа ја спојува уметноста, истражувањето и активизмот, претворајќи ги во алатки за општествена промена и видливост на маргинализираните гласови.

Соња Исмаил иако немала желба, ниту пак размислувала некогаш да го прави ова, таа активно пушта музика од 2006 година па наваму. Почнала од шега, на инсистирање на нејзин пријател, за журка по повод 1-ви април. И никогаш не престанала. Ниту планира да престане. Музиката што ја пушта не би сакала да ја сместува во сериозни, уштиркани рамки или жанрови. Сака кога подиумот се бранува и се радува кога луѓето насмеани танцуваат на музиката која им ја презентира. Пуштањето музика не е нејзината единствена идентитетска одредница. Соња Исмаил е магистерка по политичка филозофија и родови студии, докторандка на Факултетот за драмски уметности, долгогодишна новинарка во магазинот Форум и во музичкото радио Канал 103, била активно вклучена во граѓанскиот сектор и неформални граѓански иницијативи повеќе од 15 години. Изминатите 8 години е дел од тимот на Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје.

Диџеј Џоџо (Ѓорги Пулевски) (1987, Битола) ) дипломирал психологија, а магистрирал студии на политиките на Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје и проектен менаџмент на Универзитетот во Портсмут, Англија. Од 2009 година активно учествува во независната културна сцена и активизмот. Бил дел од хип-хоп дуото „Стрес“ со два издадени албума (2010 и 2011) и уредник на списанието за урбана култура „4“. Од 2013 до 2018 година го ко-организира дебатното кино „Контра Кадар“ во Битола со над 120 општествено-ангажирани настани. Од 2014 до 2024 е дел од Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, каде последните три години работи како селектор и координатор на студентска програма. Во рамки на КСП Центар – Јадро организира и модерира дискусии од областа на филозофијата, социологијата и субкултурите, како и читачки групи и музички проекти со заедницата.